Епидемиологот д-р Драган Даниловски објаснува што значи привременото одложување на БСЖ-вакцинацијата во Македонија, откако во Хрватска беа пријавени четири сомнителни случаи на БСЖ-остеитис, односно специфично воспаление на коските кај деца кои ја примиле вакцината.
Даниловски посочува дека станува збор за позната, но исклучително ретка несакана реакција по БСЖ-вакцинацијата, а причината за реакцијата на хрватските здравствени власти е појавата на четири случаи во релативно краток период.
„Во светот на медицинската безбедност, ваквата појава се нарекува безбедносен сигнал. Сигналот е едноставно знак кој вели: ‘Тука е потребно внимание, детална анализа и проверка’. Неговото појавување само по себе сè уште не ја утврдува причината за проблемот“, објаснува Даниловски.
Според него, важно е да се разликуваат пријавена несакана реакција, безбедносен сигнал и докажана причинско-последична врска.
„Пријавата само го отвора прашањето, сигналот е повик за итна истрага, а дури на крајот, по детална процена на сите докази, доаѓа конечниот заклучок“, вели епидемиологот.
Во Македонија се користи БСЖ-вакцина од истиот бугарски производител, BB-NCIPD. Поради тоа, Комисијата за имунизација ја контактирала МАЛМЕД и побарала информации за сериите што се користат во земјава. Во меѓувреме е донесена одлука привремено да се одложи вакцинацијата, додека не се добијат целосни информации за сериите, нивниот квалитет и евентуалната поврзаност со случаите во Хрватска.
Даниловски оценува дека станува збор за мерка на претпазливост, а не за утврден проблем со самата вакцина.
„Актуелната процедура не ја оспорува самата вакцина, туку е насочена кон еден конкретен безбедносен сигнал со цел да се открие неговата точна причина“, посочува тој.
Според податоците објавени од Министерството за здравство, во последните десет години до МАЛМЕД била доставена само една пријава за сомнеж за несакана реакција по БСЖ-вакцинација, во август 2022 година. Станувало збор за апсцес на местото на апликација, реакција која е позната и опишана во упатството за вакцината.
„Според досега објавените информации, кај нас нема пријавен безбедносен сигнал сличен на оној што сега се испитува во Хрватска“, вели Даниловски.
Тој нагласува дека БСЖ-вакцината има значајна улога во заштитата на најмалите од тешки форми на туберкулоза, вклучително и милијарна туберкулоза и туберкулозен менингитис.
„Туберкулозата во Македонија сè уште е присутна“, посочува Даниловски, наведувајќи ги податоците според кои во Институтот за туберкулоза има 95 пациенти, од кои 83 се регистрирани годинава.
Во однос на децата кои веќе ја примиле вакцината, Даниловски посочува дека, доколку се здрави и немаат симптоми, нема потреба од превентивни снимања или лабораториски испитувања.
„Најважни се информираноста и вообичаеното следење на здравјето на детето“, вели тој.
Според него, привременото одложување на вакцинацијата е пример за тоа како треба да функционира системот за следење на безбедноста на вакцините – со навремено регистрирање на сигналот, проверка на податоците и носење одлуки врз основа на докази.
„Довербата во вакцинацијата се гради токму на овој начин: со сериозно проверување на секој безбедносен ризик, со транспарентно информирање на јавноста и со носење одлуки кои се засновани врз докази“, заклучува Даниловски.
