Министерството за здравство ја информира јавноста дека во среда во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби ќе започне вакцинирање на здравствените работници кои работат во ковид центрите во цела држава.
Како што соопштува Министерството, вакцинацијата ќе почне во 10 часот, а прв ќе се вакцинира медицинскиот персонал кој работи на Инфективна клиника во Скопје. Пунктот во модуларната болница каде има 6 вакцинални позиции, ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје.
Според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на 10 минути. Во текот на денешниот ден Националниот систем, до ковид центрите низ државата, испраќа списоци каде се наведени имиња на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примаат вакцината во модуларната болница на КИБФС во Скопје. Ковид центрите треба повратно да ги потврдат листите, известува МЗ.
Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.
Вчера во нашата земја од Република Србија пристигнаа 4680 дози вакцини од производителот Фајзер. Со оваа пратка вакцини, имунизација ќе се спроведува само во модуларната болница во Скопје. Со пристигнувањето на другите дози вакцини во државата, ќе се врши дистрибуција на вакцини низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови.