Првото рочишта во случајот „Пуч“, во кој четвртообвинет е претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ќе се одржи утре, а опозицискиот лидер и понатаму останува на планот да го бојкотира судот и да не се појавува на рочиштата. Поради ова би можело да дојде до приведување на Заев и со лисици на рацете да биде донесен во суд. Но од неговиот адвокатски тим ја отфрлаат оваа можност, барем за првото рочиште.
Во случај кога обвинетиот одбива да се јави на судските покани, законот предвидува мерка за стражарно приведување доколку судијата донесе таква одлука и доколку обвинителот го побара тоа.
Адвокатот на Заев, Филип Медарски, не очекува судот да ја примени мерката апсење за првото рочиште. Ако не се појави на правата покана од судот, тогаш може при второто рочиште да се примени таа мерка, вели тој.
На почетокот од јули лидерот на социјалдемократите изјави дека не го признава судот како независна власт поради политичките влијанија и партизираноста. Воедно ги предизвика судските власти да го лишат од слобода бидејќи порача дека нема да се појавува на судските рочишта и дека нема да ја почитува обврската да се јавува во струмичкиот суд.
„По ова мое јавно соопштение, судот е должен веднаш да изрече мерка притвор и да ме лиши од слобода. Од овој момент ја очекувам оваа одлука на судот. Јас сум во седиштето на СДСМ или во кампот пред Владата, заедно со граѓаните“, изјави Заев на први јули, откако еден ден претходно Судскиот Совет го прифати во целост обвинителниот акт за случајот „Пуч“.
Веќе еден месец Заев не ја почитува определената мерка да се јавува во судот и можеше да биде уапсен, но надлежните органи не преземаа речиси ништо во врска со тоа. Игнорирањето на изречените превентивни мерки може да придонесе до одземање на пасош, одредување на куќен притвор или притворање, но ниту една од овие мерки не беше изречена. На почетокот од јули Кривичниот суд го одложуваше ова прашање од причина што надлежниот судија бил на одмор. Судијата се врати од одмор на 20-ти јули.
Во случајот „Пуч“ обвинети се уште четири лица. Првообвинет е поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, кој се товари за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и за помагање во насилство спрема претставници од највисоки државни органи. Верушевски е во притвор, а на 16-ти јули Основниот суд Скопје 1 Скопје му изрече три години казна затвор за недозволено држење на огнено оружје.
Второобвинет е Ѓорѓи Лазаревски, техничар во УБК , обвинет за поттикнување неовластено прислушување и тонско снимање и помагање при делото шпионажа.
Сопругата на Верушевски, Соња Верушевска, е обвинета за помагање при шпионажа.
Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, кој е четвртообвинет, се товари за насилство спрема претставници на највисоките државни органи, односно за кривично дело сторено во обид.
Петтообвинетиот, Бранко Палифоров, вработен во Општина Струмица е обвинет за помагање при кривичното дело насилство спрема највисоките државни органи.
Соња Верушевска и Бранко Палифров беа ослободени од притвор на 29-ти јули. Судот определи гаранција за двајцата обвинети во одреден износ што се состои во хипотека на недвижен имот и им определи мерка за претпазливост, односно одземање на патните исправи.
Маја Васева