Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница го одложи разгледувањето на иницијативата за уставноста и законитоста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, за некоја од наредните седници во месец април.
Одложувањето на расправата, информираат од Судот, е заради подетално разгледување на предметната материја доставена во иницијативата.
Со членот 175 донесен со измените на Законот во 2014 година на телекомуникациските оператори во земјава им се наложува „да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи“.
Иницијативата до Уставниот суд е поднесена во 2015 година, кога СДСМ почна со објавување на разговори од незаконското следење на комуникациите, односно т.н. „бомби“.
Во иницијативата, која е поднесена од граѓанин, оспорен е целиот член 175, односно сите 10 става од него.