Наместо уривање на дивоградбите и прогласување на мораторум, Општина Охрид по извештајот на УНЕСКО дека подрачјето ќе биде на листата на загрозено светско наследство, почна да ги отстранува околу 250 палми ширум охридското крајбрежје. Ова е 19 препорака по ред, а општината и натаму не одговара дали ќе ги спроведе останатите 18 нотирани забелешки. Трет ден, Општина Охрид не одговара кој е виновникот за загрозувањето на УНЕСКО статусот, но и зошто надлежните молчат додека се уште се гради во заштитените подрачја.
“Службите на Јавното претпријатие веќе ги имаат започнато активностите на терен и информираат дека како замена за отстранетите палми ќе бидат засадени дрвја од видовите: јавор, јасен и ликвидамбер”, соопшти Општината Охрид.
Палмите се дел од проектот “Медитеранизација на Македонија” кој се спроведуваше во 2015 година од страна на Владата и тогашниот премиер Никола Груевски. За палмите, беа потрошени околу 125 илјади евра. Целта на проектот, како што најавуваше Груевски беше државата да добие медитерански шмек.
Уште во 2015 година, кога беше најавено дека ќе се садат палми, реагираше еколошкото здружение “Охрид СОС” од каде велеа дека Охрид автентичноста ја црпи од автентичноста на својата култура и се противеа на проектот.
“Охрид – град на палмите! Има ли крај лудилото? Преубави липи и костени, репрезенти на поднебјето македонско, бидуваа исечени ширум градот. Кај ли се видело природно да вирее палма во охридско? Што ли се сака со овој кичерај да се постигне? Охрид својата убавина ја црпи (можеби веќе е редно време во минато свршено време да зборуваме и да речеме „црпел“) од автентичноста своја културна и природна. Зар вака ли туризам се развива? Каде ли се туристичките експерти да излезат и да го осудат ова „лас-вегасување“? И повторно, дали некој ги праша граѓаните? А еколозите? Ако сите продлжат и понатаму да молчат, за некое време и бананите и кокосовите дрва ќе ги донесат и засадат…и еден кактус на местото кај што е чинарот”, реагираа во 2015 година од здружението “Охрид СОС”.
Охрид – град на палмите! Има ли крај лудилото? Преубави липи и костени, репрезенти на поднебјето македонско, бидуваа…
Posted by Охрид SOS on Петок, 22 мај 2015
Општината Охрид ќе треба да ги отстрани и билбордите поставени покрај кејот на езерото. Нема најава кога ќе се спроведе тоа, исто како што се молчи за останатите клучни препораки од УНЕСКО.
Општинските власти и натаму молчат на дивоградбата во заштитеното подрачје кај Чинарот, во центарот на Охрид. Таму гради советникот од ДУИ во Општината, Нефи Усеини, без потребните дозволи. Издадено е решение за стопирање на градбата, но наместо прекин на градежните работи, и натаму работниците заваруваат и ја прицврстуваат градбата.
УНЕСКО уште во 2017 година нотирал дека треба да се стопираат сите градби во заштитените подрачја и да се отстранат дивоградбите. Наместо тоа, зружението “Фронт 21/42” нотира дека од ноември 2017 до април 2019 година се легализирале 250 дивограби.
Кристијан Ландов