Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во канадската општина Маркам присуствуваше на церемонија на отворање три улици кои во чест на македонската заедница ќе ги носат имињата „Битола“, „Пелистер“ и „Даме Груев“.
Претходно, соопшти Кабинетот на претседателот, се одржа церемонија на подигнување на македонското знаме пред Граѓанскиот центар на општината Маркам проследено со интонирање на химните на Канада и на Македонија.
– Македонскиот град Битола е познат како градот под Пелистер. Не случајно, веднаш до улицата „Битола“ има уште една улица со македонски топоним – „Пелистер“. Како во Македонија, така и овде, во Канада, „Битола“ се наоѓа под „Пелистер“. Но, постои една друга, суштинска сличност, а тоа е посветеноста кон мултиетничкиот, и мултирелигискиот и мултијазичниот соживот на сите граѓани. Секоја на својот начин, Македонија и Канада, се посветени на моделот на интеграција без асимилација. Модел што е присутен и тука, во Маркам. Модел што ви овозможува вам, Македонците од дијаспората да ги чувате, градите и унапредувате нашите македонски традиции, јазикот, културата, рече Иванов во обраќањето пред повеќе од 100 учесници од македонската заедница и претставници на општината.
Вие, посочи Иванов, сте сликата за Македонија во Маркам, во Онтарио, во Канада.
– Вие сте дел од Македонија, како што Македонија е нераскинлив дел од својата дијаспора. Ве охрабрувам да продолжите да придонесувате кон ова прекрасно место и да ја одржувате позитивната слика за нашата заедничка татковина Македонија, истакна Иванов.
Македонскиот претседател упати благодарност до градските татковци на Маркам, оценувајќи дека со именувањето на овие улици придонесуваат кон зацврстувањето на односите меѓу двете пријателски земји.
– Моите домаќини ми кажаа дека уште од своето формирање, пред повеќе од два века, градот Маркам бил отворен за луѓе од различна етничка, верска и културна припадност. Тие со себе го донесоа и креативниот потенцијал и го инвестираа во овој прекрасен град, рече Иванов.
Потенцира дека Македонија, пак, својата посветеност кон различноста ја негува со векови и милениуми.
– Траги од тој македонски придонес има и во Маркам. Впрочем, недалеку од тука се наоѓаат едно основно и едно средно училиште, кои го носат името на мајката на 20 век – Мајка Тереза. Таа се роди и израсна во Скопје, Македонија. Нејзината родна куќа беше опкружена со католичка црква, православна црква, еврејска синагога и муслиманска џамија. Религиската толеранција во која таа израсна влијаеше на нејзиниот хуманизам, кој му го подари на светот“, додаде претседателот Иванов.
Локалните власти на Маркам најавија дека во чест на претседателот Иванов ќе засадат дрво на улицата „Пелистер“.
Во рамки на церемонијата, потпишан е Меморандум за разбирање во областа на културата и туризмот меѓу Република Македонија и провинцијата Онтарио од страна на македонскиот амбасадор во Канада, Љубен Тевдовски и министерот за култура и туризам на Онтарио, Мајкл Чен.
Претходно, претседателот Иванов ја посети болницата „Маркам Стоуфвил“.
Исто така, претседателот Иванов присуствуваше на утринската неделна богослужба во црквата „Св. Димитрија Солунски“ во Маркам, со која чиноначалствуваше митрополит Методиј од Американско канадската епархија на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.
Иванов денеска заминува за Отава каде се најавени средби со претседателот на Македонско-канадската група за пријателство во Парламентот на Канада, Владислав Лизон и членовите на групата. Најавен е и прием во чест на претседателот Иванов во Националниот центар за уметности.