Судскиот совет нема да може да ја промени одлуката на Апелација со која петмината судии ја укинаа пресудата за „Таргет-тврдина“, случај за масовното прислушување во Македонија каде првообвинет, а сега ослободен, е ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
Весна Дамева, новата претседателка на Судскиот совет за „А1он“ вели дека единствено што можат да проверат е дали во носењето на одлуката учествувала судијка која била пензионирана. Од ваквиот одговор, веќе е јасно дека одлуката на Апелација за укинување на пресудата ќе опстои.
Според информации на „А1он“ одлуката од апелациските судии меѓу кои е Лидија Чачева која сега е пензионирана, била донесена пред повеќе од четири месеци, кога имала мандат. Дополнително, законот им нуди можност на судиите, во одлуката да го стават датумот кога е одржана јавната седница, а тоа е март годинава.
„Укажувам дека Судскиот совет на РСМ нема надлежност да преиспитува, односно да оценува судска одлука. Но, има надлежност да ја констатира состојбата за текот на постапката во смисла на ажурно постапување и дали одлуката била донесена од страна на судија на кој му престанал мандатот поради исполнување на услови за старосна пензија“, вели Дамева за „А1он“.
Претседателката Дамева не даде одговор дали зад ваквата одлука стојат т.н. „судско-бизнис елити“ кои ги споменуваше нејзината претходничка. Но што и да преземе, Судскиот совет, нема да може да ја промени одлуката на Апелација која е конечна.
„Со оглед дека вчера доцна дознав од медиумите за конкретниот случај, во понеделник, во рамки на моите законски овластувања, веднаш ќе преземам дејствија, а Судскиот совет, во рамки на своите законски надлежности ќе го испита конкретниот случај. За преземените дејствија и констатираната фактичка состојба ќе бидете известени преку портпаролот“, додава Дамева за „А1он“.
Иако беше прашана, претседателката Дамева не одговори дали според неа, се оправдани критиките од јавноста за чекорот на Апелација да се укине пресудата за масовното прислушување, што ќе значи и застарување на предметот, а со тоа, и слобода за обвинетите меѓу кои е Мијалков. Се очекува, да се провери и зошто судиите Јани Нича, Енвер Беџети, Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева, наместо да го укинат, не ја преотвориле постапката со повторен главен претрес, можност која не им е забранета. Со овој механизам, тие ќе можеле да избегнат опасност од застарување на случајот за нешто повеќе од две години.
Апелација и натаму не ја објавува одлуката за укинување на пресудата. За тоа имаат можност, ако се има во предвид, дека Законот за кривична постапка наложува јавно да бидат објавени сите донесени одлуки, пресуди, решенија. Сите овие постапувања, судиите ги прават и објавуваат во име на граѓаните на Македонија.