Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија (АППТ) првпат ја претстави туристичката понуда на земјава на 14-тото издание на Интернационалниот саем за туризам „iViaggiatori” во Лугано, Швајцарија.
Како што информираат од АППТ, на саемот, што се одржува од 30 октомври до денеска, околу 26 земји и повеќе од 200 штандови се посетени од 11.000 швајцарски семејства кои се во потрага по следната туристичка дестинација.
Мнозинството од излагачите се национални туристички организации, хотели, држави и градови кои ја промовираат својата туристичка понуда, бидејќи Швајцарците преферираат да патуваат без посредник.
– Народот која има просечна плата од 5.500 евра и најголем број на патувања во текот на годината, покажа огромен интерес за природата и културата во Македонија. И покрај тоа што Швајцарците сакаат да патуваат индивидуално и самостојно, околу 30 отсто од нив преферираат патувањето да е организирано преку туристичка агенција и со фокус на летните одмори и гастрономијата. Помладите се пофлексибилни кога е во прашање должината на одморот, но се во потрага по одмор кој без исклучок вклучува активности во природа, велат од АППТ.
Според нив, и покрај тоа што омилени туристички дестинации им се соседните земји, 50.000 посетители на саемот во Лугано се воодушевиле од можноста за активен одмор во земја која е дел од европскиот континент.
– Со фреквенцијата на патување од 3-4 пат годишно, швајцарските тур-оператори сметаат дека просечен швајцарски турист може да помине 5 до 6 дена одмор во Македонија, нагласуваат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.