На еден од разговорите од 20 март 2013 година пуштен во судницата на денешното судење за „Титаник“, може да се слушне како ексминистерот Миле Јанакиески во разговор со претпоставен од скопскиот аеродром вели дека одреден Нешо кој работел како пожарникар на аеродромот, за изборите работел за тогашниот кандидат за градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски по што му укажува на претпоставениот да му нареди на пожарникарот да престане бидејќи работата во Центар била „климава“.
– Имате еден таму на аеродром турбо работи за Жерновски, мамичето негово. Кажи му одма да престане оти ќе лета од работа. Ништо нема напраено за нас. Во Центар климава е работава, вели Миле Јанакиески во телефонскиот разговор.
На ова, претпоставениот од скопскиот аеродром на Јанакиески му вели дека знае за кој човек станува збор, вработениот бил пријател со поранешниот функционер на СДСМ, Владо Бучковски, но сепак ќе се обидел да интервенира.
Во врска со изборите во Центар, на денешното рочиште беа пуштени уште неколку телефонски разговори од кои може да се слушне како ексминистерот Јанакиески бара список на уметници кои живеат во Центар, а работат во некој од музеите со цел директорите да ги притиснат за да излезат на гласање.
Виктор Јованов