„Парти Сервис“ и покрај труењето во „Пивара“ ќе добие 2,1 милион денари за иновација – помалку сол во храната

Од:

За производство на храна со помалку сол Фондот за иновации и технолошки развој ќе додели 2,1 милион денари или околу 34 илјади евра на компанијата „Парти Сервис Лео“ со чија храна во ноември беа затруени петмина вработени во „Пивара Скопје“.

„Парти Сервис Лео“ е надворешен доставувач на храна во „Пивара“. По труењето две недели беше затворена кујната во која била подготвена храната, а минатиот месец кривична пријава против компанијата поднесе Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

„Државниот санитарен и здравствен инспекторат по добиена информација за појава на заболување со знаци на труење со храна кај пет лица кои консумирале храна во ‘Пивара АД Скопје’ изврши вонреден инспекциски надзор во просториите на ресторанот во соработка со ЈЗУ Центар за јавно здравје и Агенција за храна и ветеринарство. По добиена информација дека храната се подготвува во ‘Парти Сервис Лео’, извршен е вонреден инспекциски надзор  при што се земени материјали за микробиолошка анализа – храна, брисеви од опрема и работни површини. Од страна на ДСЗИ со решение донесена е забрана за вршење дејност сè до исполнување на наредените превентивни, противепидемиски мерки. Објектот е затворен со лента на ДЗСИ.  На 15.11.2018 година, по исполнување на сите наложени мерки од решението, записнички е симната забраната за работа и отстранета лентата за забрана. На 15.02.2019 година поднесена е кривична пријава за правното и одговорното лице  на ‘Парти Сервис Лео’“, изјавија за „А1 ОН“ и „Макфакс“ од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Казнети со 5 000 евра од АХВ

Компанијата „Парти Сервис Лео“ покрај кривичната пријава од ДСЗИ за труењето добила и казна од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Од Агенцијата велат дека тестирањата на земените мостри храна и брисеви по труењерто потврдиле присуство на бактерија ентеробактер, којашто ја имало во храна – печеница  и на машината за сечење храна.

„За констатираните недоследности при извршените инспекциски контроли, од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство на овој оператор со храна изречена му е мерка генерално чистење на кујната/мензата, замена на машините за подготовка на храна со нови, а изречена е и парична казна во висина од 5 илјади евра во денарска противвредност“ , изјавија од Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Парти Сервис“ демантира дека имало труење со нивна храна во „Пивара“

Од „Парти Сервис Лео“ демантираат дека имало труење од нивна храна во „Пивара“ и покрај наодите на институциите и низата преземени мерки.

„Надлежните државни институции извршија вонреден инспекциски надзор во кантината на Клиентот, но и во нашата кујна, по телефонски пристигната информација до ЈЗУ ЦЈЗ за неколку лица со стомачни тегоби кои се вработени во Пивара Скопје, и тоа три дена по добиената информација. Во записникот по увидот констатирана е уредна општа санитарно хигиенска состојба во топлиот дел од кујната. Процедурално, институциите по поднесена пријава реагираат на начин што веднаш вршат увид на терен и постапуваат превентивно без разлика дали ќе најдат конкретни докази. Од земените мостри при увидот констатирана е бактерија во свеж морков кој потоа или подложи на термичка обработка или се мие по стандардна и безбедна процедура, при што и двете постапки придонесуваат за уништување на бактеријата. Но, најважно е дека најдената бактерија нема никакво поврзување со симптоматологијата на лицата кои се пожалиле на стомачни тегоби. Кујната по насоки од институциите кои направија вонреден инспекциски надзор беше затворена како резултат на изречени дополнителни превентивни мерки  и зголемување на квалитетот на хигиенските практики, но истите немаат никакво поврзување со причината за надзорот т.е. стомачните тегоби на лицата“, велат од „Парти Сервис“ и нагласуваат дека казната од АХВ не е во износ од 5.000 евра туку драстично помала, а изречена била како резултат на дополнителен вонреден надзор заради одредени посебни хигиенски барања кои не биле во врска со труењето во „Пивара“.

На прашањето дали треба да добијат пари од државата и по кривичната пријава од „Парти Сервис“ велат „Би сакале да напоменеме дека нашата компанија не е сторител на кривично дело. Предистражната постапка што се води е должност на институциите на системот да реагираат по однос на поднесени пријави за наводни сомнежи за труење, но во нашиот случај такво нешто нема. Не постои причина ‘Парти Сервис Лео’ да не го добие ко-финансираниот грант за кој првичната апликација со идејата за проектот е поднесена уште во јуни 2018 година. Дополнително што нашата компанија е успешен start up кој од многу мал број вработени, со труд, работа, квалитет и безбедност стигнал до момент кога сега вработува вкупно 163 вработени и редовно и целосно ги плаќа сите даноци и придонеси кон државата, не гледаме причина да не бидеме едни од грантистите од Фондот за иновации. Нашиот проект е иновативен и поттикнува здрави навики во исхраната кај нашите клиенти, но и кај пошироката популација“.

Грантистите обврзани секоја промена да ја пријават во Фондот

И покрај кривичната пријава и казната од 5 000 евра, компанијата „Парти сервис“ сè уште е на листата грантисти во Фондот за иновации. Од таму велат дека парите сè уште не ги префрлиле на сметката на компанијата и нагласуваат дека грантистите се обврзани секоја промена да ја пријават во Фондот. И покрај таквата обврска, Фондот нема податоци за казната ниту, пак, за кривичната пријава.

„Согласно договорот што Фондот го потпишува со секој корисник, секоја компанија се обврзува ‘навремено да го известува Фондот за која било промена што ќе настане, а е од значење за процесот на анализа и на оценување на предлог проектот’ и ќе му ‘дозволи на Фондот и/или на лица овластени од страна на Фондот да извршат увид и ревизија на сите документи што се дел од предлог-проектот и од проектната апликација доколку е одобрен предлог-проектот’. Доколку се констатира повреда на одредбите од договорот, Фондот веднаш ќе пристапи кон активирање на соодветните правни процедури и механизми“, велат од Фондот за иновации и технолошки развој.

За производство на храна со помалку сол „Парти Сервис Лео“ од Фондот за иновации и технолошки развој доби 2,1 милион денари или околу 34 илјади евра

„Парти Сервис Лео“ е компанија апликант од првиот повик во рамки на Планот за економски раст на Владата, реализиран во периодот од 27 април до 11 јуни. Компанијата е дел од вториот инвестициски бран, објавен во јавноста на 26 декември 2018 година. Во пресрет на потпишување на договорите, Фондот бара од секој апликат поединечно да достави соодветна документација, меѓу кои и потврда од Регистарот на казни за сторени кривични дела со која се потврдува дека на правното лице не му е изречна казна забрана за учество на јавен повик, доделување договори за јавна набавка и договори за јавно-приватно партнерство, потврда дека не му е изречена споредна казна привремена или трајна забрана за вршење одделна дејност, како и потврда дека со правосилна пресуда не е изречена прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност, односно привремена забрана за вршење одделна дејност.

„Компанијата овие документи ги има уредно доставено на 14 февруари 2019 година. Во истите е јасно наведено дека не се евидентирани податоци за сторени кривични дела“, велат од Фондот.

Кривичната пријава против „Парти Сервис Лео“ е поднесена еден ден откако ги доставиле документите во Фондот.

Од „Парти Сервис Лео“ велат дека побарале состанок со Фондот откако добиле покана од Обвинителството.

„‘Парти Сервис Лео’ го склучи договорот со Фондот за иновации и технолошки развој на 28.02.2019, а поканата од Основното јавно обвинителство ни е доставена, односно примена на 11.03.2019. Во меѓувреме поради стартот на проектот, нашиот проектен тим упати писмено побарување до ФИТР за состанок за координација следната недела“, изјавија од компанијата во саботата.

Одобрениот грант од 2,1 милион денари на „Парти Сервис Лео“ е за проектот „Развој на нова линија за здрава храна“ кој предвидува нов продукт – леб без сол за широка употреба и за една година намалување за 30 отсто на употребата на сол во храната што ја подготвуваат, како краткорочна цел. Од компанијата велат дека за овој чекор биле поттикнати од резултатите од истражувањата на нашите релевантни институции кои ги потврдуваат штетните ефекти од прекумерниот внес на сол. За проектот предвидено е тие да одвојат сопствени средства во висина од 1.200.000 денари, а од Фондот да добијат 2.114.700 денари.

Грантот на „Парти Сервис“ е последниот на листата грантови од Фондот за иновации кој предизвика сомневања дека државните пари се распределени согласно правилата. Поради силен притисок на јавноста лани по објавувањето на листата грантисти во првиот бран апликациите ги повлекоа компаниите поврзани со вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот Хари Локвенец, а сè уште се чека одлуката на Комитетот за одобрување инвестиции од која зависи дали ќе ги добијат одобрените грантови компаниите кои се изјаснија за поврзани со Цветанка Ласкова, советничка за култура на премиерот Зоран Заев, со поранешниот министер без ресор Веле Самак, со поранешниот амбасадор Јован Донев и со актуелниот министер за култура Асаф Адеми.

Во вториот бран, каде што е компанија „Парти Сервис“, грантови добија 65 компании за кои Фондот уверуваше дека се проверени и дека ниту една не е поврзана со носители на јавни функции.

Маја Илиевска – Пачемска

Би можело да ве интересира

АХВ: Се повлекува чоколадото „милка орео“, во него е пронајдена пластика

Орце Костов

АХВ: На фејсбук страницата „Zeolit MK“ нелегално се продава „Zeo Medic“, производот не е одобрен и нема гаранција дека е безбеден

Повлечен од продажба небезбеден чипс од Косово

Јанушев: Обвинителството да отвори истрага за грантовите од ФИТР на Дрин Ахмети, од шест милиони по огласот, тој добил пет

АХВ: Засилени контроли на рокот на производите во новогодишните пакетчиња

Орце Костов

Салмонела нема ниту во храната, изворот на заразата во училиштата во Карпош дополнително ќе се утврдува