Трошоците на одбраната за предметите кои застарија со последните измени на Кривичниот законик паѓаат на товар на буџетот на државата. Средствата што обвинетите ги исплатиле на адвокатите, со одлука на Судот ќе треба да им бидат рефундирани на странките. За трошоците да бидат признаени и досудени, адвокатите ќе треба да поднесат барање и пред судот да приложат реално сторени трошоци, а досега судот нема донесено такво решение, информираат на денешниот брифинг во Основниот кривичен суд – Скопје.
Сумата што треба да се исплати за адвокатите, се одредува врз основа на барање поднесено до судијата, односно судечкиот совет што го водел предметот, со приложени докази за исплатата од странката, за потоа судот да ги рефундира тие средства. Согласно адвокатската тарифа, едно рочиште во предмет со повеќе обвинети адвокатот го тарифира околу 60 до 90 илјади денари, а во еден ваков предмет досега можеби имало и стотина рочишта, со по дваесетина адвокати.
– Кривичниот суд, во ваква ситуација бара доказ, дека тие трошоци се веќе наплатени претходно. Доказ е фискална сметка, извод од УЈП или извод од банкарска сметка, каде што се гледа приливот и одливот, за да можеме како реално сторени трошоци да ги исплатиме. Доколку не ни се дадат на увид, такви значи има некој проблем. Потоа тие средства се рефундираат на странката, пред се, појаснуваат од Кривичен.
Освен трошоци за адвокати, Судот ќе треба да ги рефундира и трошоците за направените вештачење, а обвинетите во овие предмети од државата ќе може да бараат оштета и за времето поминато во притвор.
Од Основниот кривичен суд Скопје посочуваат дека сето ова само дополнително ја обременува работата на судот.
– Решаваме еден куп работи, што во принцип не треба ниту да бидат наши. Ние треба да одлучуваме за виновноста, не треба да одлучуваме за трошоците, меѓутоа и тоа не обременува, велат од Основен кривичен суд.