Професорите Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски кои беа редовно вработени на Економскиот факултет во Штип почнаа штрајк со глад против, според нив, незаконската одлука на Наставничкиот совет на факултетот, кој не го признава нивниот квалитет иако стручна комисија ги оценила како петпати поквалитетни од потребното. Тие денеска во отворено писмо бараат Ректорската управа да работи законски.
„Ве известуваме дека денеска од 16 и 30 часот и официјално го почнавме најавениот штрајк со глад кој ќе го реализираме во просториите на Економскиот факултет во Штип, а кој ќе треа се до исполнувањето на нашите барања.
Нашите барања се :
1. Бараме Ректорската управа веднаш да постапат согласно законските прописи и да се прифати предлогот содржан во рефератите на рецензионите комисии.
2. Бараме разрешување на деканот Ристо Фотов поради незаконско постапување при работењето на факултетот за што Државниот просветен инспекторат веќе неколку пати констатира повреди во законитоста при неговото менаџирање на факултетот .
Не смееме да дозволиме самоволието на деканот на Економскиот факултет во Штип, Ристо Фотов негативно да се одрази не само врз нашите кариери, животни судби, туку и врз квалитетот на самата институција Економски факултет, Универзитетoт Гоце Делчев и врз високото образование во Република Македонија.
Доколку овој волунтаристички потег на деканот, со кој се кршат повеќе законски акти и етички норми помине не санкциониран, во иднина, ние тројцата професори ги губиме своите работни места, а колегите кои ќе останат и понатаму да работат на факултетот, постојано ќе бидат исправени пред предизвикот дали и покрај покажаниот квалитет за што единствено мерило е оценката на рецензентската комисија, ќе се соочат со обидот да бидат одстранети од своите работни места.
Доц. д-р Крстe Шајноски
Доц. д-р Александар Констадиновски
Доц. д-р Маргарите Марлиевска“
По пет години работа на факултетот, овие професори се пријавиле на конкурс за избор во повисоко звање на универзитетот, односно да се унапредат од доценти во вонредни професори.
Рецензентската комисија го потпишала позитивниот извештај за тројцата професори, во кој тие како кандидати имаат петпати повеќе поени од потребните 75 според Правилникот за избор во звања.
Откако рецензентските извештаи ги поминале сите потребни контроли, Наставно – научниот совет чија обврска е да го прифати изборот без никакви опструкции, а во која учествува и деканот Ристо Фотев, без образложение не го прифатила унапредувањето на професорите, а не ги избира ниту во истото звање во кое работеле досега, што значи отказ од работа.