Системот на образование е подготвен за три сценарија за новата учебна година – целосно отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, согласно здравствени протоколи и доколку биде стабилна епидемиолошката состојба. Министерката за образование и наука Мила Царовска рече дека тоа е најдоброто и најпосакувано сценарио кај сите во Владата.
-За тоа ќе одлучува Комисијата за заразни болести, но сите очекуваме состојбата во летниот период и во септември биде добра и затоа очекуваме ова сценарио да биде спроведливо, рече денеска Царовска, но МОН е подготвено и за две други – второ сценарио според кое наставата ќе биде како и во 2020/2021 – дел со физичко присуство и дел на онлајн-настава, и трето сценарио – во не многу критична состојба, поделба во групи односно ротирање на учениците на една недела за физичко присуство во училиштата за да нема нивно целосно затворање.
– За трите сценарија, МОН заедно со локалните самоуправи и директорите ќе биде подготвено на 1. септември. Но, сите ние очекуваме и сакаме од 1. септември да почнеме со сите ученици во клупи, секако согласно здравствени протоколи, но значајно е наставата да се одвива во училниците, изјави Царовска и соопшти дека МОН презентирал материјал за кој се дискутирало денеска на состанок на Главниот координатовен штаб.