На јавниот повик за доделување лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија понуди доставија Балкан енерџи груп, фирмата ќерка на ТЕ-ТО и Синтес груп за трите лиценци, Дистрибуција на топлина само за дистрибуција и заедничката компанија на ЕЛЕМ и МЕПСО за трите лиценци, информираше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Димитар Петров на денешната средба со новинарите.
Нагласи дека корекција на цената на топлинската енергија ќе нема и додаде оти согласно новиот правилник за топлинска енергија што треба да се донесе до крајот на годинава цената за топлинската енергија ќе се корегира еднаш годишно.
– Понудите се уште не се отворени и се очекува до крајот на годинава Регулаторната комисија да ги разгледа и да донесе одлука. Доколку никој не биде избран останува обврската на Топлификација да ги снабдува потрошувачите со топлинска енергија, рече Петров.
Очекува понудите да бидат разгледани до крајот на неделава.
– За да добијат лиценца компаниите ќе треба да имаат сопствени капацитети или договор за закуп на постојните. Клучна ќе биде финасиската способност на компаниите, појасни Петров.
Дури 98 отсто од мрежата во Скопје, додаде, е во сопственост на АД за Стопанисување со станбен и деловен простор, а само 2 отсто на Дистрибуција на топлина.
– Тоа значи дека Дистрибуција на топлина ќе има мала предност на јавниот повик за дистрибуција на топлинска енергија заради сопственоста на дел од дистрибутивната мрежа, рече Петров.