Тренчевска: Неопходен е ефикасен социјален дијалог за унапредување на безбедноста и здравјето при работа

Од:

Предизвиците поврзани со пандемијата на Ковид-19 покажаа дека постоењето на позитивна култура и силни системи за безбедност и здравје при работа (БЗР) се од суштинско значење за заштитата на работната средина и одржување на здравјето и безбедноста на работниците. За успешно справување со постоечките и со идните предизвици кои влијаат врз здравјето и безбедноста на работните места неопходен е ефикасен социјален дијалог, како и активно учество на сите релевантни страни во областа на БЗР, како на национално, така и на ниво на деловни субјекти.

Ова се клучните пораки од конференцијата „Да делуваме заедно за да градиме позитивна БЗР култура која, по повод 28 aприл – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа, ја организираа Министерството за труд и социјална политика, Меѓународната организација на трудот и Советот за безбедност и здравје при работа, а на која учествуваа и претставници на синдикатите, Државниот инспекторат за труд, Организацијата на работодавачи, како и експерти од областа на трудовото право.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска рече дека главната порака на овогодинешното одбележување на Светскиот ден на БЗР, е пораката дека градењето, одржувањето и управувањето со системите за безбедност и здравје на работното место, мора да биде задача и приоритет на сите релевантни актери во областа на БЗР.

„Одбележувањето на 28 април треба сите да нѐ поттикне уште повеќе да работиме и на подигнување на јавната свест за безбедноста и здравјето при работа, имајќи предвид дека сите ние ја споделуваме и одговорноста и обврската, секој во својот дел, да се грижиме за унапредување на безбедноста на работните места и да работиме на превенирање на несреќите, повредите и заболувањата поврзани со работата”, порача Тренчевска.

Истакнувајќи го значењето на социјалниот дијалог за унапредувањето на безбедноста и здравјето при работа, министерката Тренчевска рече: „Мораме да ги негуваме и постојано да ги поттикнуваме социјалниот дијалог и меѓусебната соработка во оваа област, како на национално, така и на ниво на претпријатие, ако сакаме да создадеме реални услови за успешно справување со постоечките, но и со новите предизвици во однос на безбедноста и здравјето на работното место“.

За познавачите на оваа проблематика, исклучително е важно во земјата да се создаде превентивна култура на безбедност и здравје при работа, онака како што таа е дефинирана во Конвенцијата на меѓународната организација на трудот (МОТ) за промотивната рамка за БЗР од 2006-та година.

„Суштинскиот социјален дијалог и трипартитните обврски претставуваат камен темелник на превентивната култура за безбедност и здравје при работа, чијашто улога е да поттикне трајни подобрувања на безбедноста и здравјето при работа“, истакна националниот координатор на МОТ, Емил Крстановски.

Статистичките податоци покажуваат дека, годишно, во светот се случуваат и над 400 милиони инциденти и несреќи на работните места, а се регистрирани и до 2,9 милиoни смртни случаи. Повредите на работното место и професионалните заболувања не само што предизвикуваат немерливо човечко страдање на жртвите и нивните семејства, туку се причина и за големи економски загуби за претпријатијата и националните економи кои се манифестираат преку зголемени трошоци за здравствена заштита и обесштетување, трошоци поради изгубено производство, намалена работна способност и пониско учество на работната сила. Се проценува дека придонесот на несреќите на работното место и професионалните заболувања во вкупните годишни загуби на бруто домашен производ (БДП) на светско ниво изнесува 5,4%.

На крајот од конференцијата, на иницијатива на Македонското здружение за заштита при работа, беше организирана и симболична акција во чии рамки, за секој загубен живот на работа во текот на 2021 година, беа засадени пригодни садници, со надеж дека тоа ќе биде најмалиот парк во светот.

Би можело да ве интересира

Велковски: Буџетот на МТСП оштетен над 2,5 милиони евра

МТСП: Си заминува стручниот кадар од Центрите за социјална работа

Нема веќе предвремена исплата, пензиите како пред пандемијата

Катерина Ѓуровски

МТСП: Пензискиот фонд е стабилен, да не се креира страв кај пензионерите

МТСП: Социјалните партнери постигнаа значителен напредок во преговорите за раст на платите во јавен сектор

МТСП: Во тек е исплата на образовниот додаток за трет мерен период за учебната 2022/2023 година

Ана Ололовска