Унапредување на воспитно образовниот процес и создавање на услови за квалитетен ран детски развој во градинките е една од целите на социјалната реформа што ја спроведува Министерството за труд и социјална политика. Во насока на подигнување на квалитетот на услугите во градинките, денес се одржа работна средба на која пред директорите на преку 70 градинки од земјава беше презентиран МЕЛКО(MELQO) методот за следење и подигнување на квалитетот на воспитно образовниот процес во предучилишните установи.
Пред присутните, експертите Кирил Барбареев, Алма Тасевска и Боге Божиновски ги презентираа клучните аспекти на овој метод, кој како пилот проект беше спроведен во одредени градинки. MELQO методот е сочинет од 6 алатки поделени во два модула – MODEL, кој е дизајниран за мерење на развојот и учењето на децата и MELE модулот, кој го проценува влијанието на средината во која се одвива воспитно-образовниот процес. Преку MELQO методот се врши проценка на децата, но се вклучуваат и родителите и воспитувачите преку анкета за да се добие што подетална слика за подготвеноста на децата за училиште базирана на повеќе параметри, а истовремено се анализира и влијанието на околината за учење преку повеќе индикатори.
MELQO методот како пилот проект се спроведува во рамки на Компонента 2 до Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика и има за цел да обезбеди поквалитетен ран детски развој и подигнување на капацитетите на градинките. Целта е зголемен пристап до квалитетни услуги за ран детски развој преку подобрување на услугите за предучилишно образование.
На работната средба присуствуваше и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
„Зајакнување на човечкиот потенцијал е наш врвен приоритет и токму затоа подобрувањето на воспитно образовниот процес за деца од предучилишна возраст е сегмент на реформата на кој максимално сме посветени. Квалитетното образование и правилниот детски развој се основа за успешен образовен процес и стекнување на вештини и знаења на личноста. Затоа работиме и на подобрување на просторните услови во градинките и изградба на нови капацитети, со што ќе го подигнеме квалитетот во градинките на повисоко ниво и поголем број дечиња ќе бидат опфатени во предучилишниот образовен процес“, истакна Тренчевска.
Во рамки на оваа компонента се спроведуваат и активности за зголемување на квалитетот на услугите во предучилишните установи преку обуки на кадарот и поттикнување на родителите и семејствата за поддршка на холистичкиот пристап во развојот на децата, како и зголемување на пристапот до квалитетни и енергетски ефикасни предучилишни установи и обезбедување на најдобри можности за учење и образование, соодветно на возраста на децата. Проектот за подобрување на социјалните услуги се спроведува со поддршка на Светската банка.
На работилницата се обрати и Бојана Нацева виш образовен експерт на Светска банка. Презентирајќи ги активностите на Светска банка во земјава во насока на подобрување на капацитетот на човечкиот капитал потенцијал, Нацева истакна:
„MELQO ќе придонесе за подигнување на квалитетот на услугите во градинките и на целокупниот воспитно образовен процес за деца од предучилишна возраст, преку вклучување на сите релевантни чинители. Обезбедувањето на квалитетот на воспитно образовниот процес и условите во градинките треба да биде заедничка мисија и заложба, како на централната и локална власт, така и на наставниот кадар и родителите. Тоа е можно само ако имаме сознание за тоа каква е сегашната состојба и кон што ќе се стремиме. Затоа ве повикувам за придонес во процесот на проценка на состојбата со помош на MELQO инструментот, за да може да го прилагодиме на локалните потреби и да обезбедиме негова континуирана имплементација.“
Во рамките на активностите од Проектот за подобрување на социјалните услуги, се реализираа и низа активности за едукација и подобрување на вештините на воспитно образовниот кадар и за усвојување современи алатки во работата. Низ процесот на обуки досега поминаа над 1300 воспитувачи чии позитивни искуства веќе се имплементираат.
Важен дел од Проектот е и зголемување на пристапот до квалитетни услуги за ран детски развој и подобрување на условите за предучилишно образование, со што директно се придонесува за зголемување на капацитетите на градинките. На општините им се доделуваат грантови за изградба на нови, проширување или пренамена на постојни објекти во детски градинки и центри за ран детски развој. Во новите или обновени објекти се воспоставени нови стандарди и нормативи за просторот во кој децата престојуваат кои се уредени согласно нивните потреби за движење и поттикнување на учење преку игра.