Во ниту еден посочен случај не станува збор за присвојување на градежно земјиште на територијата на општина Центар од страна на Министерството за транспорт и врски, велат од Министерството, реагирајќи на соопштението од Општина Центар, во кое се тврди дека Владата присвоила општинско земјиште.
„Во изминатиот период, Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски направи конкретни законски измени и овозможи максимално транспаретни постапки за располагање со градежното земјиште и термините „присвојување”, „узурпирање” и „продажба во четири очи” на градежно земјиште, кои беа главна карактеристика за една поранешна владеачка гарнитура, веќе се минато“, се вели во реакцијата на Министерството за транспорт и врски.
Од таму додаваат дека претходните изјави на градоначалникот Жерновски, како и денешното писмено соопштение на општина Центар се груби лаги и шпекулации насочени кон замајување на целокупната македонска јавност.
„Му порачуваме на градоначалникот Жерновски да ги засука ракавите и да отпочне со реализација на ветеното пред сопствените сограѓани, наместо да губи време со евтини писмени соопштенија, лиферувани од неговиот кабинет“, порачуваат од транспорт и врски.