Трајчевски: Нема потреба од регулација на порталите, туку само регистрација

Од:

Директорот на Агенцијата за аудио и адуивизуелни медиумски услуги (ААВМУ), Зоран Трајчевски изјави дека нема да има регулација на порталите, туку регистрација и нотификација. Тој кажа дека е невозможно да се спроведе регулирање на овој вид медиуми.

– Ние како Агенција имаме нарачано истражување во однос на овие нови медиуми за тоа каква е состојбата споредено со другите држави. Требаше да го плати Агенцијата преку јавна набавка меѓутоа добивме одобрение од Советот на Европа и тие ќе го спроведат во еден краток разумен период, можеби до крајот на првото тромесечје од идната година и тогаш ќе имаме објективно, непристрасно мислење од експерти коишто ќе ни понудат не решение, туку ќе ни дадат слика каква е состојбата на ова поле во другите држави, рече Трајчевски на четвртиот и последен јавен состанок за 2017 година на Агенцијата.

Тој додаде дека подолго време се дискутира за ова прашање, постојат различни ставови, но како што истакна постои концензус за некои прашања, а тоа е дека за порталите не е потребна регулација, туку регистрација.

Досега во два наврата од Агенцијата кажале дека не може да спроведат изборен мониторинг на известувањето што го вршат порталите.

Трајчевски на јавниот состанок ги презентираше активностите на ААВМУ за четвртото тромесечје со фокус на медиумскиот мониторинг за локалните избори. Во овој контекст биле поведени вкупно 14 прекршочни постапки за повреди на изборниот закон. Во однос на непочитување на Законот за аудио визуелни медиумски услуги и Законот за медиуми донеле вкупно 13 решенија за мерки опомена по повеќе основи.

Тој информираше дека е одбиено барањето на Канал 77 за одземање на лиценцата за работа на ТВ 24 поради непостоење на законска причина за одземање на дозволата на тој радиодифузер.

Пред присутните беа презентирани и резултатите од Анализата за известувачката рамка во медиумското покривање на теми поврзани со ЛГБТ заедницата. Според Ирена Цветковиќ активист, која е дел од истражувањето, во Македонија се забележува подобрување во однос на застапеноста на теми поврзани со оваа заедница во медиумите, а таа промена, вели, беше создадена по промената на власта.

Така во првите седум месеци од годинава забележани се вкупно 310 новинарски статии во печатените медиуми или прилози во централните изданија на вестите на телевизиите, наспроти по околу 10-тина во 2013 и 2014 година. Од нив 28,9 отсто се негативни за ЛГБТ заедницата и сите доаѓаат од еден портал. Жанровски од овие прилози, на вести отпаѓаа 74,8 отсто. Анализата буди и препораки меѓу кои во законите за медиуми да постои санкција за медиуми кои шират говор на омраза со конкретно наведување кон ЛГБТ заедницата.

Би можело да ве интересира

Донесено упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарни избори 2024

Орце Костов

АВМУ да ја повлече одлуката и донацијата од 5 милиони денари да ја додели во транспарентна постапка, во која ќе учествуваат повеќе медиуми

Горан Наумовски

Трајчевски: АВМУ го тужи МИОА затоа што ни исплати 80.000 евра помалку од законски предвидените

Орце Костов

Директорот на АВМУ добивал закани поради одбиено барање за одземање дозвола

АВМУ со осуда за вербалните закани упатени кон новинари

АВМУ: Медиумите професионално и етички да известуваат за трагични настани, особено ако се вклучени малолетници

Горан Наумовски