Матицата на иселеници од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија со седиште во Битола, Сојузот на Македонците од Егејот-Македон и Светскиот македонски конгрес, денеска после 33 години склучија договор за повторно обединување на манифестациите „Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија“ и „Светска Македонска иселеничка средба“ што секоја година се одржуваат во битолското село Трново.
Од оваа година, информира Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес, ќе се одржува единствена заедничка семакедонска средба и таа ќе биде организирана на 2. август, на Илинден, во дворот на македонската православна црква „Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново.
– Денешниот договор е прилог кон семакедонското помирување и обединување, истовремено и повик до македонците од сите делови на Македонија и во целиот свет, за единство во одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата. Нашето мото останува, сите Македонци еден за друг, а наша цел се развојот и афирмацијата на универзалните вредности на македонскиот свет, посочи Петров.
Покровител на семакедонската средба во Трново ќе биде градоначалникот на општина Битола Владимир Талески, а манифестацијата ќе биде составен дел на програмите за култура на Советот на општина Битола.
– Ова е историски момент бидејќи со личен пример покажавме дека се што правиме, правиме за обединување на македонците. Ако досега со право ни забележуваа дека зборуваме за обединување а организиравме две манифестации, одсега ќе имаме една манифестација за сите и затоа ги поканувам македонците од цел свет на Илинден да дојдат во Битола, на празникот што сите не обединува, истакна Талески.