Во извештајот на Транспарентност Македонија (ТМ) за декември 2015 година, се потенцираат проблемите со кои се соочува Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РМ. „Ова е резултат на лошата, популистичка политика на Владата во поглед на зголемување на пензиите, наспроти неповолните економски текови во земјата“, стои во билтенот.
„ТМ е на став дека со ова се конституираат елементи за извршување на тешки кривични дела од областа на организираниот криминал, бидејќи се работи за организирана група на функционери кои синхронизирано и систематски го кршат законот за остварување на одредена политичка и материјална корист, а на штета на членовите на задолжителниот пензиски фонд. Ова е основ за поведување на соодветни судски постапки од страна на оштетените членови на фондовите, но и на надлежното обвинителство.
ТМ ги повикува директорот на Фондот за ПИОМ, директорот на МАПАС, министерот за труд и социјална политика, министерот за финансии и премиерот Груевски да објаснат на кој начин ќе се реши овој проблем, имајќи ја предвид анализата на експертската и стручната јавност дека состојбата во фондот за ПИОМ во наредниот период може само да се влошува, а не да се подобрува? И кој ќе ја плати штетата?
Буџет на РМ
Очевидно е дека извршувањето на Буџетот на РМ се соочува со потешкотии и дека финансирањето на тековните буџетски расход, како и исплатата на доспеаните претходни задолжувања, не може да се реализира без нови задолжувања преку емитување на државни обврзници и државни записи.
Во текот на месец декември Министерството за финансии емитуваше десет годишни државни обврзници во износ од 165 милиони денари со купонска каматна стапка од 3,5%, 12 месечни државни записи во износ од 15 милиони денари со каматна стапка од 2,5% и 6 месечни државни записи во износ од 1 милијарда денари со каматна стапка од 2,1%.
Но, и покрај ваквите проблеми и потешкотии во извршувањето на Буџетот, вклучувајќи го и проблемот на Фондот за ПИОМ, Владата предложи измени и дополнувања на Законот за судии и Законот за јавни обвинители во кои се предлагаат зголемување на платите за 35% и на дневниците за време на празниците за 50%. Ваквите измени ќе донесат нови трошоци од вкупно 40 милиони денари, 20 милиони годишно за судиите и 20 милиони годишно за јавните обвинители, а ќе бидат на товар на Буџетот на РМ.
ТМ смета дека оваа мерка на Владата не е само предизборен популизам, туку и обид за добивање наклоност од правосудните инстанци во државата во ситуација кога челните луѓе од власта се сомничат за извршени тешки и бројни кривични дела за кои се подготвуваат десетици кривични пријави во Специјалното обвинителство. Премиерот Груевски и министерот за финансии Ставревски на македонската јавност треба да ѝ објаснат како, спроведувајќи ваква популистичка политика, ќе се финансира Буџетот на државата во наредниот период?
Незаконско работење и злоупотреба при доделување на субвенции во земјоделството и располагање со државното земјоделско земјиште
Месец декември го одбележаа бројни афери со кои се потврдија сериозните сомневања кај невладиниот сектор за незаконско и расипничко трошење на буџетски средства преку злоупотреба на службената положба и овластување, како и за изборни манипулацици преку фалсификувани лични карти, користење на бенефиции спротивно на Закон за службени возила и обезбедување од страна на поранешни функционери и други лица, а продолжи и практиката на власта за давање бројни ветувања за подобрување на стандардот на разни категории на граѓани во замена за нивните гласови за претстојните избори.
ДКСК не се бори против криминалот и корупцијата во земјата
Генералната оценка за Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во домашната јавност, но и во извештаите на Европската комисија за Македонија, е дека таа е пасивна, нетранспарентна, селективна и пристрасна во процесуирањето на коруптивните случаи и молчењето за големите корупциски скандали во кои се вмешани високи функционери од власта. За разлика од неа, во регионот овие агенции на дело ја манифестират својата независност и ја оправдуваат целта за која се формирани.“, стои во извештајот на ТМ за декември.