Обвинителот Гаврил Бубевски побара Сашо Мијалков, Мехндух Тачи и ексчленовите на Државната изборна комисија да бидат огласени за виновни во случајот „Титаник 2“, предмет кој се однесува на изборни нерегуларности. Бубевски побара секој од обвинетите да одговара според степенот на кривично дело.
„Бараме да ги огласите за виновни и да ги казните за стореното кривично дело, ценејќи ги сите отежнувачки и олеснувачки околности“, кажа обвинителот.
За секој одделно, Бубевски посочи отежнувачки и олеснителни околности. За ексчленовите на ДИК посочи дека за нив не се водат други постапки, не се осудувани, што се околности за поблага казна. Но, според Бубевски, злоупотребата на нивното знаење и незаконитостите што ги правеле пред очите на јавноста – се отежнувачки околности.
Обвинителот за Мендух Тачи кажа дека судот треба да цени: „Како отежнувачка околност е директната умисла поттикнување и околностите. Треба да се акцентира неговото почитување на судот и Oбвинителството“.
Бубевски посочи дека и кај ексдиректорот на УБК има отежнувачки и олеснителни околности: „Кај Мијалков отежнувачка околност е степенот на кривична одговорност, побудите зошто го сторил кривичното дело, фактот што против него се водат други кривични осуди, како и тоа што има правосилна пресуда. Треба да се земе во предвид неговото културно однесување, почитувањето на судот“.