Македонија и Албанија имаат одлични билатерални односи. Двете земји делат заедничка перспектива за членство во ЕУ, а преминувањето на границата со лични карти од страна на нивните граѓани е придобивка којашто треба да ја имаат сите држави во регионот, оценија албанскиот министер за надворешни работи Алдо Бумчи и неговиот домаќин шефот на македонската дипломатија Никола Попоски на заедничката прес-конференција во Скопје.
Запрашан зошто и по 20 години од воспоставувањето дипломатски односи, Тирана се уште ја нема признаено Македонија под уставното име, албанскиот министер Бумчи со одговор дека во билатералата тие го користат уставното име.
– Билатералните односи се пример за добрососедство. Ние во нашите билатерални односи ја имаме признаено Република Македонија под уставното име и јас тука го користев името Република Македонија. Што се однесува до прашањето на името, тоа е билатерално прашање. Ние ќе ја почитуваме волјата на Македонија како и на Грција и ќе го почитуваме договорот којшто тие ќе го постигнат, рече Бумчи.
За тоа што прави албанската држава во однос на притисоците врз македонското население во Албанија што го прави националистичката Црвено-црна алијанса, Бумчи рече дека со македонското малцинство имаат одлични односи, а потврда е и неодамнешната одлука на албанскиот Парламент за враќање на старите топоними на Пустец.
– Религиозната хармонија во Албанија како и односот кон етничките малцинства е дел од нашиот кодекс. Тоа е една постојана вредност која што ја имаме, која ја почитуваат сите граѓани и е широко позната. Ние имаме одлични односи со македонското малцинство. Албанскиот парламент, како што знаете, едногласно го усвои барањето на локалното население Ликенас да се преименува во Пустец. Ние ја почитувавме нивната волја и можам да кажам дека односот со локалните органи, но и на регионално ниво е одличен, рече Бумчи.
Инаку според Бумчи, во изминатите 20 години Албанија покажала конзистента позиција во однос на Македонија, а тоа е почитување на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет.
– На запад Македонија има една држава која е пријател и и дава силна поддршка за членство во НАТО и ЕУ. Нашата порака за Албанците во Македонија е секогаш иста – да бидат дел од демократските и евроинтеграициските процеси на Македонија. Драго ние е што тие се еден важен фактор за стабилноста и просперитетот на Македонија, рече албанскиот министер.
За министерот Попоски, двете земји ги развиваат севкупните односи во духот на заедничката европска перспектива.
Двајцата се осврнале и на економската соработка. Според Бумчи, во 2006 трговската размена меѓу Македонија и Албанија изнесувала 50 милиони евра, а денес 93 милиони евра, што е далеку под можностите. Во однос на инфраструктурното поврзување, акцентот бил на Коридорот 8.
– Автопатско и железничко поврзување меѓу Република Албанија и Република Македонија е нешто што е приоритет за нас и затоа сметаме дека треба дополнителна енергија да внесеме во реализацијата на овој проект, рече Попоски.
Попоски и Бумчи разговарале и за претстојното отворање на новиот граничен премин Џепиште-Требиште и заедничка канцеларија на граничните и царинските служби на двете земји. Станало збор и за регионалните иницијатици со осврт на актуелното македонско престедавање со Процесот за соработка во ЈИЕ.
Министерот Бумчи во рамки на дводневната официјална посета на Македонија денеска ќе се сретне со претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, со претседателот на Парламентот Трајко Вељанскои, како и со вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими. Предвидено е Бумчи посетата да ја заврши со средби со лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи.