Тимотеј и Пимен за помилување на Вранишковски

Од:

Ако јас се прашувам, уште утре би го ослободил од затвор Јован Вранишкоски. Јас се застапувам тој да се ослободи пред да ја издржи целата затворска казна што му е изречена, изјави за весникот „Дневник“ дебарско-кичевскиот владика Тимотеј, член на Светиот синод на МПЦ.

Според него, со ваквиот потег ќе се отстрани најголемата пречка поради која македонската црква не може да почне да преговара со Српската православна црква за признавањето на нејзината автокефалност.

– Таков категоричен услов ни поставија сите цркви – и Српската и Вселенската патријаршија и Бугарската православна црква. Сите тие ултимативно ни рекоа дека додека е Вранишкоски во затвор, нема шанси да се обноват преговорите. И сега ние треба да расчистиме – дали сакаме да почнеме со преговорите или и натаму да останеме со ваков статус. Јас немам информации дали нешто се подготвува од страна на надлежните државни органи, но јас тоа би го направил, истакнува владиката Тимотеј.

Тој додава дека помилувањето не би претставувало признавање на тоа дека Вранишкоски бил невин и неправедно осуден на затворска казна.

– Ние нема да кажеме дека тој бил во право и дека е невин за тоа за што е казнет. Треба да се помилува поради нашиот интерес, а тоа е што побрзо да почнеме со преговорите. Вранишкоски ќе биде во затвор уште две години, време кое останува до сеправославен собор во Истанбул во 2016 година. Што ни вреди ако тој остане во затвор сето ова време кое ние треба да го искористиме, смета владиката Тимотеј.

Тој смета дека МПЦ не треба да стравува од Вранишкоски и од неговата нерегистрирана верска организација Православна охридска архиепископија, создадена во Македонија од страна на СПЦ како автономна црква за да се разнебити Македонската православна црква.

– Тие се сосема мала група верници од кои не мора да стравуваме, вели Тимотеј.

И владиката на Европската епархија на Македонската православна црква Пимен го поддржува ставот на владиката Тимотеј.

– Христијански, разумно и храбро. Го делам мислењето на митрополитот, напиша владиката Пимен на профилот на Фејсбук на Европската епархија.

Во Синодот на МПЦ, како што пишува „Дневник“, има различни мислења за тоа дали Вранишкоски треба да биде помилуван – некои сметаат дека треба да остане во затворот бидејќи сторил криминал и црквата не може да се меша во работата на правосудните органи, а други, пак, се повеќе сметаат дека „дамката што другите православни цркви и ја припишуваат на МПЦ треба да се отстрани“.

Македонските владици неодамна одржаа две седници посветени на барањето патишта да се обноват преговорите со СПЦ. Kако резултат на тоа испратени се писма до Српската и до Руската православна црква и до Вселенската патријаршија во кои се изразува желбата за преговорите. Неофицијални црковни извори за весникот навестуваат дека некое поместување може да следи откако завршија претседателските и парламентарните избори во земјава.

Во Белград вчера е соопштено дека за 15. мај е свикан Светиот архијерејски собор на СПЦ, а според информациите, на дневен ред најверојатно ќе се најде и писмото што македонскиот архиепископ г.г. Стефан го испратил до оваа црква за да се иницира обновувањето на прекинатите преговори. СПЦ постојано стои на позиции дека македонската црква прво треба да се врати во „автономна положба“ а дури потоа да се разговара за некаква автокефалност.

Би можело да ве интересира

Владиката Тимотеј за рускиот свештеник: Ние немаме информации дека бил шпион

Орце Костов

„Работи во Софија, а патува до Скопје за да внесе раскол во МПЦ“: Кој е рускиот свештеник Змеев кој доби забрана за влез во Македонија

Орце Костов

Расчинет свештеник крстел и венчавал со „благослов“ од г.г. Стефан: Венчаните се невенчани, крстените некрстени

Орце Костов

(ВИДЕО) Академик Ќулавкова: Се загрозуваат правата на жената

Горан Наумовски

Г.г Стефан: Собрани сме да им кажеме ДА на животот и на светоста на семејството оформено од еден маж и една жена

(ВИДЕО) Поглаварот Стефан: Жената ја изедначуваат со мажи кои никогаш нема да бидат жени

Горан Наумовски