За излез од политичката криза потребно е општиот интерес да дојде во преден план кај политичките партии, тогаш може да се најде компромис. Македонците секогаш успевале да излезат од вакви екстремни состојби и тоа со мудрост затоа што имаат умешност на заедничко живеење кое претставува вистински ресурс, вели амбасадорот на Франција во Македонија Кристијан Тимоние во интервју за МИА.
Уверен е дека постои капацитет за постигнување компромис и за деблокирање на демократските процеси во земјата.
– Македонија има демократија веќе 25 години, но исто така и секојдневна култура на компромис којшто им овозможи на различните заедници да живеат заедно со векови и да го создадат она што значи денес македонска реалност. Така што не гледам зошто тој капацитет на компромис не би можел да се искористи и сега ако постои добра волја, а не само посебни лични интереси. Не знам зошто сето тоа искуство да не се искористи сега за да се најдат компромиси коишто ќе може да функционираат, поосчува Тимоние.
Според него, доколку остане статус кво во политичката криза, ценатата за земјата би била висока, бидејќи, вели, колку повеќе се губи овде време на патот кон Европа поради големиот број технички реформи коишто треба да се спроведат толку ќе биде подолго да се надомести загубеното време, а тоа е, вели од суштинско значење.
– Реалноста е дека други земји од регионот одат напред и покрај потешкотиите со кои се соочуваат, можеби истите потешкотии како и вашите, но тие ги надминуваат и штета е Македонија која беше најнапредната сега да доцни. Таа можеби не е единствениот „виновник“ затоа што постои прашањето за името кое што претставува реална потешкотија и кое не и помогна на политичката култура да стане зрела. Мислам дека треба да бидеме праведни кон Македонија за таа точка, но тоа не треба да биде причина за самата да се претставува како жртва и да не прави ништо за да се спаси, оти една жртва можеби треба двојно повеќе напори да направи за да не биде жртва. Историјата не е секогаш праведна, но сепак ние историјата ја имаме во наши раце, наведував францускиот амбасадор.
Продолжението на политичката криза Тимоние оценува дека ќе се одрази и на условената препорака за почеток на преговорите до ЕУ.
– Станува збор за многу важна работа. Досието за кое што ќе се разговара во текот на годината, ако е досие со Македонија која што успеала да ја надмине оваа криза, тоа ќе биде знак дека земјата е јака, дека е способна за компромиси, способна да го следи својот сопствен Устав што е можеби навистина минимум услов. Од друга страна ќе докаже дека е држава, затоа што ние во ЕУ интегрираме држави, а сега сме во состојба каде што нема влада, има Собрание кое речиси се уште не е во функција, вашите општини се повеќе го губат својот изборен легитимитет и останува уште претседателот на државата, кој и самиот за време на неговото назначување не ја доби целосната поддршка од сите заедници. Многу е ретко една држава да се најде во таква состојба која што е специфична, вели амбасадорот на Франција во Македонија Кристијан Тимоние.