Годината за Македонија сигурно беше плодна со оглед на големиот број започнати активности и успешното продолжување по патот кон НАТО и ЕУ. Сепак, останува уште многу да се направи и се надеваме дека следната година повторно ќе прославуваме за нови решавачки чекори по една година конкретни реформи и интензивни подготовки.
Ова го истакна францускиот амбасадор Кристијан Тимоние по повод Националниот празник на Франција – 14 Јули.
Тој потсети дека Франција е тргната по патот на суштински и фундаментални внатрешни реформи кои ќе и овозможат да одговори на предизвиците на глобализацијата, но и да не се откаже од планот за преродба на европскиот проект што, според неа, претставува апсолутен услов за прием на нови членки во Унијата.
– Поради тоа, нашите две патеки ќе се надополнуваат една со друга и кога ќе дојде време за тоа ќе се соединат. Веќе соработуваме со Македонија во суштински области за европската и светската безбедност каде имаме голем удел во најтешките области на Блискиот Исток и во Африка, порача Тимоние.
Тој се осврна и на француско-германската соработка и помирување посочувајќи го како пример кој најде двојна примена преку договорите меѓу Скопје, Софија и Атина.
– Сите граѓани на Македонија може да бидат убедени во нивната висока вредност и во нивните правни и други придобивки кои ќе треба наскоро да се почувствуваат за да може потполно или делумно да се тргнат останатите пречки на европскиот и атлантскиот пат на земјата, порача меѓу другото францускиот амбасадор Тимоние на приемот на кој присуствуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, вицепремиерот Бујар Османи, министри во Владата, пратеници, лидери на политички партии од опозицијата и од власта, претставници на верските заедници, на судството, на дипломатскиот кор.
Химните на Македонија и на Франција пред присутните гости ги изведе македонската уметница која живее и работи во Франција, Елена Голомеова.