Со 65 активни случаи на Ковид-19, Тетово речиси и да се изедначи со Скопје според бројот на заразени од коронавирусот, каде што има 66 активни случаи.
Од денешните 21 нови случаи на Ковид-19, дури 11 се од Тетово. Се уште не е познато дали заразените се од делта-сојот на коронавирусот, но смирувачки е податокот дека поголемиот број од лицата се асимптоматски и нема хоспитализирани.
„Од позитивните случаи во Тетово, само 12 се со симптоми, но ниту еден од нив не е хоспитализиран во ковид центар на КБ Тетово. Освен детекцијата на бразилски сој кај лицата кои беа ковид позитивни во јуни, досега не е утврдено присуство на индиски и бразилски сој кај други лица“, велат од Министерството за здравство за „А1он“.
Лицата кај кои претходно бил детектиран бразлискиот сој, не биле вакцинирани, а се уште нема податок дали некој од новозаразените месецов бил вакциниран против Ковид-19.
Министерството за здравство информира дека по зголемувањето на заразени во Тетово и тетовскиот регион, во период од неколку дена, Комисијата за заразни болести ја следи епидемиолошката состојба и е во комуникација со локалниот центар за јавно здравје каде се анализираат сите овие случаи.
Според првичните информации, зголемениот број случаи доаѓаат од два познати кластери. Првиот кластер е од свадба, а вториот е повеќечлено семејство кое исто така било на мала семејна прослава.
„Она што загрижува и со што се соочиле здравствените работници е што некои од ковид позитивните пациенти не давале точни податоци и информации за контакти, како би можело да се спречи создавање на кластери околу двата постоечки. Министерството за здравство апелира, граѓаните да соработуваат со епидемиолозите, одбивањето на соработка од страна на пациентите, прави потешкотии во спроведувањето на епидемиолошките анкети, а тоа може да доведе до голем број заразени“, велат од Министерството.
Освен во Скопје и во Тетово, во поголемиот број градови мала е бројката на активни случаи на Ковид-19. Во Куманово и во Кичево има по 12 активни случаи, во Охрид 11, а во Гостивар 8.
Во дваесет градови во државава нема ниту еден активен случај на коронавирусот.
Во земјава беа детектирани повеќе лица заразени со делта-сојот на коронавирусот, но повеќето од нив, освен еден случај, беа со лесна клиничка слика.
Во земјава во тек е теренска вакцинација во руралните средини, а граѓаните можат да се вакцинираат во здравствените домови на вакциналните пунктови без закажување термин. Во спортските сали сега се врши само ревакцинација.