Досегашниот лидер на македонската партија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Едмонд Темелко доби поддршка партијата да ја води и наредните четири години.
На вториот партиски Конгрес кој денеска се одржа во Тирана под мотото „Обединети и интегрирани“ учествуваа 140 делегати од сите делови на Албанија, со најголемо присуство на оние од областите Мала Преспа, Гора и Голо Брдо. Темелко беше едногласно избран од сите присутни.
– Се заблагодарувам на поддршката, а сега од вас и од сите Македонци без тронка страв барам на 23 јуни да излезете на гласачките места и да гласате за кандидатите на вашата партија зашто тоа значи дека гласате за себе и за своите права. Само обединети, можеме да имаме свој претставник во албанскиот законодавен дом, каде ќе може уште повеќе да ги презентираме и бараме нашите легитимни права, порача Темелко.
На конгресот присуствуваа гости од ОБСЕ, од влашката и ромската партија во Албанија, дедека оние на Грците и на Србите испратиле писмена поддршка. Присуствуваа и амбасадорот на Македонија во Албанија, Веле Трпески, претставници на Светскиот македонски конгрес, Македонската алијанса од Македонија, како и други претставници од цела Албанија, Македонија, Бугарија и Грција.
Конгресот го поздрави претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров, кој меѓу другото од Македонците побара надминување на недоразбирањата и нивно обединување во пресрет на јунските парламентарни избори во Албанија.
Лидерот на Македонската алијанса Ѓорѓија Џорџ Атанасовски побара Македонците во Албанија да гласаат за нивната партија, а не да ги даваат гласовите за демократите или социјалистите. Пред присутните се обрати и македонскиот амбасадор, Веле Трпевски.
Централниот комитет на партијата попладнево треба да одлучи кон која изборна коалиција ќе се приклучи, десницата предводена од Сали Бериша или левицата на Еди Рама. На претходните парламентарни избори, пред четири години МАЕИ коалицираше со демократите.