Членството во ЕУ и НАТО ќе овозможи инвестиции кои ќе отворат нови работни места и на тој начин ќе се сопре трендот на иселување на младите, рече на денешната прес конференција, пратеничката во Собранието, Лидија Тасевска и повика граѓаните да го поддржат референдумот.
Таа посочи дека во Бугарија и Романија по влезот во ЕУ и НАТО, просечните плати пораснале, а невработеноста се намалила на пет, односно, четири проценти. Пораст на вработувањето кај младите е забележан и во Хрватска од 26 на 43 проценти. Тасевска потенцира дека и во Македонија се чуствуваат придобивките од перспективите на ЕУ и НАТО, укажувајќи дека во првата половина од годината има прилив на странски директни инвестиции од 327 милиони евра, што посочи е три пати повеќе во однос на лани, намалена е стапката на невработеност на најниско ниво досега и има пораст на просечната плата.
– Можете ли да замислите како ќе изгледаат овие економски показатели после влезот во НАТО? Со посветен пристап во спроведувањето на политиките, со членството на државата во ЕУ и НАТО, невработеноста забрзано ќе опаѓа, а платите ќе растат. Тоа се силни прични младите да ни останат во Македонија“-рече Тасевска.
Таа истакна дека на 30 септември, граѓаните ја имаат историската шанса за исчекор на Македонија во друштвото на развиените земји и додаде дека треба да се излезе, да се гласа и поддржи референдумот.