Светски ден за борба против беснило

Од:

„Прати ја пораката, спаси живот“ – под ова мото годинава се одбележува 12. Светски ден за борба против беснилото. Целта е покревање на свеста, потенцирање на важноста од превенција и ставање под контрола на оваа фатална болест.

По овој повод, Ветеринарната комора на Република Македонија, како професионална асоцијација на докторите по ветеринарна медицина во земјава, апелира до сите сопственици на домашни миленици (кучиња и мачки) совесно да ја извршуваат својата со Закон утврдена обврска и редовно да ги вакцинираат против беснило.

– Една од причините за големиот број жртви е ниската свест на сопствениците на животни за важноста на редовното вакцинирање против беснило. Обврската за вакцинација настапува со навршување тримесечна старост на кучето или мачката и се повторува во интервал од една година до крај на животот на миленикот. Неисполнувањето на обврската за вакцинација е казнива согласно Закон, а носи сериозни здравствени ризици по човечкото здравје и живот, предупредува Комората.

Воедно повикува општествената заедница да покаже посветеност и одлучност и да обезбеди поддршка за елиминирање на оваа фатална болест, како за животните, така и за човекот.

– Бидете одговорен сопственик кон вашиот миленик, кон самиот себе, кон своето семејство и непосредната околина. Беснилото е премногу сериозна болест. Затоа вашата обврска за вакцинација на вашиот миленик против беснило извршувајте ја навремено и редовно, апелира Ветеринарната комора.

Беснилото е акутна вирусна болест кај животните и човекот која се манифестира со симптоми на воспаление на централниот нервен систем и секогаш има смртен исход. Го има на сите континенти, освен на Антарктикот, а во развиените земји е под контрола. Преку 90 отсто од смртните случаи се во Африка, Азија и Средниот Исток, каде вирусот е широко распространет. Според статистичките податоци, преку 3,3 милиони луѓе живеат со ризикот од беснило, а 59.000 годишно умираат низ целиот свет (половина од тоа се деца под 15 годишна возраст).

Поради својата јавно здравствена важност и тежина, Светската здравствена организација го одреди 28 Септември за Светски ден за борба против беснилото. Одбележувањето почна во 2007 година, кога беа вклучени 74 земји, а денес се преку 125 .

Датумот е одреден во чест на францускиот микробиолог Луј Пастер кој ја развил првата вакцина против беснило, а починал на 28 септември 1895 година.

Светскиот ден на беснилото Македонија ќе го одбележи утре, со манифестација на Школка, во скопскиот Градски парк.

Би можело да ве интересира

Убивале кучиња со чекан по глава за да земат награда од 500 денари во кампањата на АХВ „Стоп беснило“

Мери Јордановска

Атанасов: Сопствениците имаат обврска да ги вакцинираат своите домашни миленици против беснило

Светскиот ден за борба против беснило одбелжан со едукативен настан

Ана Ололовска

Едукативен настан за подигнување на свеста за борба против беснило

Ана Ололовска

ААПЖ: Демант за наводното постоење на беснило во Македонија

Ана Ололовска

Утврден сомнителен случај на беснило кај мачка во Радишани

Ана Ололовска