Судскиот совет на седница закажана за следниот четврток, ќе расправа, меѓу другото, за поведување постапка за утврдување одговорност за судија. На седницата треба да бидат определени подносители за барањата за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција од Советот за утврдување факти и покренување постапка за утврдување одговорност за судија. Станува збор за иницијативи кои се однесуваат до стапувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за Судски совет, изгласани лани. Според објавата на веб-страницата на Советот, за овие точки јавноста ќе биде исклучена.
Поранешниот претседател на Советот за факти, Сашо Поцевски, за „Макфакс“ изјави дека сите претставки за разрешување судии за кои донеле одлука, но и за оние за кои не стигнале тоа да го направат ги доставиле до Судскиот совет, кој сега е единствено надлежен да ги разгледува претставките за нестручно и несовесно вршење на судиската фунцкија.
Она што е ново со измените на Законот за судски совет, (член 33, став 3, 4 и 5) кои беа донесени во декември 2017 година, е дека во случај кога Советот одлучил за исклучување на јавноста од седницата, претседателот на Советот е должен да ја извести јавноста за причините за исклучување на јавноста и во случај ако на истата седница донесува одлука со гласање, гласањето за одлуката е јавно. Останува да се види дали претседателот на Советот, Зоран Караџоски ќе ѝ објасни на јавноста зошто одлуките за овие точки ќе бидат образложувани на нејавна седница. Во членот 33 од „Законот за судскиот совет“ пишува дека јавноста може да биде исклучена заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија. За ова Советот одлучува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот со право на глас.
Како што објави „Макфакс“ во декември лани Советот за факти до Судскиот совет поднесе иницијативи за разрешување на врховните судии Јово Вангеловски, Џемали Саити, Рахилка Стојковска, Ристо Катавеновски и Фаик Арслани, за кои побара да бидат разрешени од функциите. Тие како кривичен совет го ослободија од притвор бизнисменот Сеад Кочан, кој е обвинет во предметот „Труст“ на специјалното јавно обвинителство.
В. М.