Кривичниот суд го прифати обвинението на Специјалното јавно обвинителство за набавка на „мерцедесот“ познат во јавноста како „Тенк“, во кој се обвинети поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и началникот за јавни набавки, Ѓоко Поповски.
Датумот за почеток на судењето дополнително ќе биде утврден. Апелацискиот суд овој месец одлучи прислушуваните разговори да бидат доказ во судењето.
Јанкулоска и Поповски се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 од КЗ, за дејствија случени во периодот од февруари 2012 година до крајот на октомври 2012 година.
Според обвинението, постои основано сомнение дека со цел да ја исполнат желбата на тогашниот премиер Никола Груевски за набавка на специјален тип патничко моторно возило, првоосомничената го поттикнала второосомничениот да ја искористи својата службена положба и овластувања и при вршење јавни набавки незаконски да фаворизира определен економскиот оператор и да се набави возило од тој тип.
Воедно постои основано сомнение дека во услови на намалена економска и куповна моќ на Министерството за внатрешни работи било постапено спротивно на член 36 од Законот за јавните набавки и во тендерската документација имало повеќе технички спецификации кои упатуваат на конкретно производство и трговски марки со цел фаворизирање определен економски оператор без да биде наведено дека можат да се дадат и понуди со други спецификации кои се еквивалентни на наведените во тендерската документација.
Постои основано сомнение дека второосомничениот во постапка по јавни набавки иако бил свесен за незаконското привилегирање на определен економски оператор, сепак, донел одлука за избор на најповолна понуда и склучил договор за јавна набавка на возило на износ од 29.852.542 денари и ДДВ во износ од 5.373.458 денари или околу 572.7800 евра.