Судијка пресудила во полза на тужениот ректор Јанкуловски, кој го оперирал нејзиниот сопруг

Од:

Граѓанскиот суд пресуди дека ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, не ѝ вршел мобинг на ревизорката Лилјана Попчева, која го тужеше за психичко вознемирување на работното место, како и за отказот кој го доби.

Но, Попчева во текот на постапката побарала предметот да не го суди судијката Павлина Попоска, бидејќи нејзиниот сопруг бил опериран токму од тужениот доктор Јанкуловски. Заменик-претседателката на судот, ѝ го одбила барањето и не ја изземала судијката. Образложението било дека станува збор за хируршка интервенција, која Јанкуловски не ја извршил врз судијката.

Во решението за неизземање на заменик-претседателката на судот, Наталија Донева, пишува дека судијката изјавила оти поради сериозно влошена здравствена состојба на нејзиниот сопруг било препорачано да биде извршен итен хируршки зафат, кој го направил Јанкуловски. Појаснила дека во овој случај не може да стане збор за судир на интереси и за пристрасно постапување на судот.

Тужителката Попчева се обратила и до Антикорупциската комисија поради неизземањето на судијката за судир на интереси, а од таму барањето го препратиле до Судскиот совет.

Според наводите од тужбата против ректорот, Попчева била главен внатрешен ревизор вработена на УКИМ. Според нејзиното видување, Јанкуловски од февруари 2017 година до февруари 2019 година „психички ја вознемирувал и дискредитирал, ѝ праќал дописи со навредлива и вознемирувачка содржина и ѝ предизвикал чувство на страв, непријатност и пониженост“.

Тужениот преку адвокатот навел дека тужбеното барање не е во согласност со Законот за парнична постапка и дека здравствените проблеми на ревизорката не се поради психичко вознемирување на работното место.

Дополнил и дека ревизорката не кажала пред судот кои услови за работа ѝ се укинати и кои се навредувачките и вознемирувачките содржини кои тужениот Јанкуловски ѝ ги праќал. Во одговорот на тужбата е наведено дека ревизорката Попчева била исклучена од Комисијата за финансии, поради конфликт на интерес на што укажало Министерството за финансии.

Во пресудата со која ѝ се отфрла тужбата на тужителката пишува: „Судот ги ценеше наводите на тужителката дека тужениот ја деградирал и психички ја вознемирувал со тоа што ги укинал условите за нејзината работа, изразувал незадоволство од нејзиното работење ѝ праќал дописи со навредувачка и вознемирувачка содржина, поднел пријава за покренување постапка за давање отказ, и забранил присуство на седници и пристап до податоци, не одговорил на барања за стручно усовршување, ја исклучил од комисиите за ректорската управа, не потпишал спогодба за преземање на работник, и ангажирал надворешна ревизорска куќа, но истите ги оцени како неосновани и без влијание за поинакво одлучување во предметната постапка.“

Судијката Павлина Попоска цитирајќи ги доказите навела дека судот утврдил оти Јанкуловски ѝ посочувал објективно и професионално да ги извршува работните задачи, а наводите немале навредувачка или понижувачка содржина.

Судот навел и дека тужителката не доставила релевантни докази дека Јанкуловски психички ја вознемирувал на работното место. За отказот, според образложението на пресудата, тужителката не повела судска постапка за негово поништување.

„Тоа што укажувањата од тужениот поврзани со секојдневната работа давани и на други вработени, тужителката ги доживувала субјективно и емотивно, не може да се оцени дека се дадени со цел да се изврши психичко вознемирување на работното место“, пишува во пресудата.

Би можело да ве интересира

Никола Јанкуловски реизбран за ректор на УКИМ

А1он

Обвинителството ја отфрли пријавата на антикорупциска против ректорот на УКИМ

Мери Јордановска

Ректорот Јанкуловски контра антикорупциската комисија: Не земам две плати, туку додаток на плата