Експретседателот на кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски, ја објави на неговиот ФБ профил, поканата која ја добил од скопското обвинителство како осомничен за злоупотребите со електронскиот систем за распределба на предмети. Во поканата пишува дека тој е осомничен за 2 кривични дела: злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата.
Според информации на „Макфакс“, Панчевски треба утре наутро да се појави во основното јавно обвинителство каде ќе треба да одговори на прашањата на обвинителите. Следната недела, повикан е и претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски како сведок. Повикани на распит се и судии, инфоматичари и судски административци.
Министерството за правда го објави извештајот за АКМИС системот, откако работната група го провери електронскиот систем за распоределба на судските предмети во кривичниот суд и Апелацискиот суд во Скопје и Врховниот суд.
Во извештајот, меѓу другото е нотирано дека во кривичниот суд 860 предмeти не биле доделени на судија. Предмети биле распределувани рачно кај точно определени судии. Во извештајот се наведува дека во кривичниот суд грубо била повредена процедурата за донесување на годишниот распоред на судии, а поради честата промена, бил лимитиран изборот на судии кои ќе бидат вклучен во автоматската распределба на предмети.
Васко Маглешов