Герасимовски доби и трета функција, стана директор на Академијата: Не се откажувам од ниедна, се е чисто

Од:

Членот на Судскиот совет, Зоран Герасимовски кој неодамна беше избран за член на Управниот одбор при Академијата за судии и обвинители, ќе биде и в.д. директор на оваа институција наследувајќи ја Наташа Габер-Дамјановска чиј мандат истекнува денес.

Вчера се одржа конститутивна седница на новиот УО на Академијата на кој беше верификуван мандатот на Зоран Герасимовски како нејзин член назначен од Судскиот совет и назначен за вршител на должноста директор до изборот на нов.

„ Именуваниот, едногласно беше избран за вршител на должноста директор на Академијата за судии и јавни обвинители од редовите на членовите на Управниот одбор, земајќи го предвид фактот што истиот е со долгогодишно искуство во вршење на судиската функција, пред се како судија на Апелациониот суд Скопје, а понатаму и како член на судскиот совет на РСМ, со стекнат интегритет и углед во правосудството на РСМ“, соопштија од Академијата.

Неговиот избор за член на Управниот одбор предизвика реакции во јавноста поради судирот на интереси со вршење на двете функции: член на Управниот одбор и член на Судскиот совет иако неговата судиска функција е ставена во мирување поради активноста во највисокото судиско тело.

Со изборот за вршител на должноста директор во Академијата, Герасимовски спои три функции што, според правниците, може да значи преголема концентрација на моќ.

Судијата Зоран Герасимовски за „А1он“ изјави дека нема да се повлече од Судскиот совет затоа што немало судир на интереси иако Законот во член 31, став вели дека на член на Советот му престанува мандатот ако е избран на друга јавна функција или професија.

– Нема судир на интереси затоа што јас не членувам никаде. Јас сум само судија во Судскиот совет избран од редот на судии. Се консултирав со Државната комисија за корупција и оттаму рекоа дека нема конфликт. Ако тие кажеа дека има судир, јас веднаш ќе се повлечев од функцијата. Јас сум само времено в.д. до изборот на нов директор кој треба да се случи во следните 15 дена – рече Герасимовски.

Токму непрецизниот закон остави простор за секој да си толкува сам дали можат членовите на судскиот и обвинителскиот совет да бидат и членови на Управниот одбор при Академијата за судии и обвинители.

– Законска пречка тој да биде разрешен од Судскиот совет, не постои. Но, постои концентрација на моќ затоа што сепак има високи позиции, а членството во Судскиот совет е врвот. Тој самиот би требало да е свесен и да напушти една од функциите за да нема конфликт на интереси. Законот е премногу општ и дава простор секој да го толкува различно – го коментираше избороза „А1он“, адвокатот Дељо Кадиев.

Би можело да ве интересира

Судски совет донесе заклучок за продолжување на постапката за избор на двајца членови на Советот

Судски совет донесе одлука за пензионирање на двајца судии

Судски совет ги оспори пред Уставен суд законските измени со кои се стопираше зголемувањето на платите на судиите

Судски совет: Со интервенција во законот директно се влијае врз нормалното функционирање на судовите

Ѓорѓи Андонов и Тодор Поп Панев избрани за судии во Апелациониот суд Штип

Судскиот совет добил претставка и постапува по одлуката на Врховен суд за зградата на ССМ