Студентите револтирани: Редуциран превоз, домовите затворени, нема ваучери за сместување

Од:

„Книгите, индексот и сите останати материјали ми останаа во студентскиот дом ‘Стив Наумов’ откако во март се вратив во Делчево. Министерството дури денес даде зелено светло дека можеме да влеземе во домовите, да се иселиме и да си ги земеме работите. Немам време да подготвам испит, јунската сесија, најверојатно ќе ја испуштам“, вели еден студент на Економскиот факултет од Делчево, за „А1он“, споделувајќи ги проблемите во високото образование, а како последица на коронавирусот.

Друг студент дели сличен проблем. Вели ќе биде вистински предизвик да полага во јуни во услови кога студентските домови се затворени, а патувањето до Скопје е отежнато, затоа што во вакви услови, авотобуските линии се редуцирани.

„Со автобус да се стаса до Скопје ќе биде вистинско мачење, затоа што од Битола во моментот има еден автобус рано наутро и еден попладне. Немам пари да изнајмам стан во Скопје, каде ќе спијам, на клупа ли? Пријавив два испита во период од 10-тина дена, за да доаѓам и да се враќам. Во многу неповолна ситација нè ставија, студентските домови не ги отворија, а не ги добивме ниту ветените ваучери од 100 евра по студент за сместување“, вели Кристијан. А, студент на Правниот факултет.

За проблемите кои ги мачат студентите кои не се од Скопје, а треба да дојдат и да полагаат испити во јунската сесија, студенското собрание на УКИМ алармирало во МОН, но отаму не добиле одговор.

Како што вели претседателот на собранието, Бојан Ефтимов, тие побарале да бидат вклучени во работната група за за распределбата на ваучерите, но и тука министерството ги игнорирало.

„Немаме информација што се случува со мерката за ваучерите, од министерството не одговараат на нашите барања, како да се во карантин. Но, ако сакаа да им излезат во пресрет на студентите, требаше до сега да им ги поделат затоа што роковите од испитната сесија течат“, вели Ефтимов за „А1он“.

Бидејќи сè уште не е извесно дали мерката ќе се реализира, а има голем број студенти кои не можат да се појават на испитите, упатиле барање до ректоратот на УКИМ да има дополнителни сесии со што на студентите ќе им се помогне да ги ги стасаат роковите.

„Бараме од септември до крајот на годината секој месец да има сесија, воедно да се пролонгираат роковите за запишување на семестар. Сметам дека ќе ни излезат во пресрет затоа што не е исто да се полагаат испити во кризна и во нормална ситуација“, додава Ефтимов.

Од Министерството за образование за „А1он“ велат дека мерката за доделување ваучери од 6000 денари била во третиот сет мерки и дека сè уште е во процедура.

„Од страна на министерот за образование и наука беше формирана работна група која подготви оперативен план за имплементација на мерката. Притоа, беа изготвени две предлог-уредби и истите се во владина процедура, со цел нивно усвојување и стапување во сила. Уредбата која се однесува на студентите предвидува доделување парични средства кои тие ќе ги користат за покривање на трошоци за партиципација, сместување во студентски дом или сместување во регистрирани приватни сместувачки капацитети“, велат од Министерството.

Отворените прашања претставуваат проблем за студентите од Универзитетот „Кирил и Методиј“ каде што покрај испитите кои се полагаат електронски, има и предмети кои се полагаат со физичко присуство на студентите. Вакви одлуки донеле дел од професорите на Економскиот, Правниот, техничките факултети и од областа на медицинските науки.

За разлика од нив, студентите на ФИНКИ, но и од штипскиот универзитет ќе полагаат исклучиво по електронски пат.

Би можело да ве интересира

Студентски бунт во Америка, 100 академици уапсени во Колумбија

Студентското собрание го презентираше Студентскиот манифест – неопходно е општествените чинители да се запознаат со итноста од преземање на мерки

Вработените на петте јавни универзитети на мирен протест побараа потпишување на колективен договор и изедначување со УКИМ

Горан Наумовски

Ристов: Непочитувањето на колективен договор на УКИМ е кршење на принципот на владеење на правото

Имате стипендии на сметките, не дозволувајте манипулации им порача на студентите министерот Шаќири

Студентите си ги бараат неисплатените стипендии, ќе протестираат пред Министерството за образование