И покрај бурните реакции и забелешки на студентите дека немало предавања по сите предмети, ниту достапни учебници во електронска форма, некои студенти немаат комјутер и не можат да учат по електронски пат, сепак дел од факултетите и универзитетите ќе спроведат онлајн полагања во априлската сесија. Ова значи дека нема да се почитува нивната волја која ја искажаа во анкетите против онлајн испитите.
Така штипскиот универзитет, и покрај резултатите од анкетата на која 1800 студенти биле „против“, а 500 „за“, ќе организира колоквиуми во април. Студентите реагирале дека ова одлука е донесена на брзина и дека не биле одржани сите предавања и немале можност да се подготвотат, но од ректорската управа реакциите ги отфрлиле како како изговори за „да не полагале студентите“.
„Прво бевме во неизвесност, дали ќе има или ќе нема, се побунивме дека немаме информација и тие на два дена пред колоквуимите донесоа одлука дека ќе има тестирања онлајн. Тука успеавме да се избориме да го помесатат рокот за една недела и ќе биде од 15 до 30 април. Аргументот дека не секој студент има комјутер или таблет, го отфрлија дека сме живеле во 21 век и дека секој има паметен телефон. Голем дел од професорите не одржаа настава, но кажаа дека тоа ќе го направеле овие денови пред полагањето. Немавме можност да се буниме за материјали затоа што УГД има електронска библиотека и таму ги има сите учебници во електронска форма. Нашата анкета дека сме против исто така падна во вода“, велат од студенското собрание на штипскиот универзитет.
На битолскиот универзитет студентите посочиле повеќе пробелми, дури имало и студенти кои воопшто немаат можност да следат онлајн настава. Таму студентите кажале дека немаат учебници во електронска форма, имале проблем да воспостават комуникација со професорите, а некои од студентите немале ниту интернет конекција.
Најголем дел од студентите се изјасниле дека се против онлајн испити, вели претседателката на универзитетското собрание Дона Петрова и очекува ректорската управа и деканите на факултите да донесат одлуки со кои волјата и барањата на студентите ќе се испочитуваат.
„Во првата анкета имавме 108 студенти кои се изјаснија дека немаат уреди да следат онлајн настава, а камо ли да полагаат. Најголемиот дел од нив се солидни студенти и не е нивна вина што сите немаат видео камери и солидни компјутери. Во оваа бројка не влегуваат студентите кои немаат никави услови, односно не поседуваат таблет или компјутер. Ние се обидовме со разговор со професорите да им се овозможи на овие студенти друг пристап до материјалите, на една студентка која е од приградските населби дури по карго и праќавме учебник. Сметам дека студентите не се во еднаква положба. Инсистираме полагањето да се изведе, ако не е можно во јуни, да биде во месец јули кога ќе заврши вонредната состојба и тие ќе бидат физички присутни на факултетите“, објаснува Петрова.
Одлагање на априлската сесија, односно да нема онлајн полагање бараат и од универзитеското собрание на УКИМ. Но, како што обајсни претседателот на собранието, Борјан Ефтимов, сепак факултетите се тие кои треба да донесат правилници дека може да применат технички решенија за полагање. Тој вели дека ова не е начинот со кој ќе се изврши објективна проверка на знаењето на студентите и ги повика факултетите да не носат избрзани решенија.
„Сметам дека многу тешко може да се гарантира квалитет проверката на знаењето и веродостојност на испитот. Може да се случи студент при полагањето намерно да ја исклучи конференциската врска, ако не го знае одговорот на прашањето и да тврди дека му паданала интерент-конекцијата. Никој не може да гарантира дека ќе нема манипулации и препишувања. Ова не може никако да го докажете. Затоа ние бараме високообразовните институции и МОН да имаат разбирање, да не избрзуваат со решенија кои нема да дадат резултати. Ние како студентско тело кое брои 23 студентски собранија не можеме да влијаеме на одлуките на факултетите, но предлагаме ова што го посочуваме да го земат предвид“, вели Ефтимов.
Дел од факултетите на УКИМ веќе донеле одлуки да се спроведат онлајн тестирања. Студентите на Факултетот за информатичка технологија и комјутерско инженерство (ФИНКИ) ќе ги полагаат најголем дел колоквиумите во април. Од тамошното студентско движење велат дека сепак, оваа одлука била донесна во согласност со волјата на студентите, при што најголем дел се изјасниле дека сакаат да полагаат онлајн, иако голем дел се определиле и против. Речиси сите побарале теоретскиот дел да се полага со физичко присуство иако, се уште нема конечна одлука. Засега предлогот е и тој дел од тестот да се изведе електронски, тет а тет преку специјална програма која ја има факултетот.
Засега се знае дека онлајн тестирања нема да има Фармацевскиот и Електро-техничкиот, a на Правниот факултет е оставено на секој професор да одлучи дали има услови за полагање. Останатите факултети треба да донесат правилници и доколку има онлајн тестирање навремено да ги известат студентите за роковите.