Стружанец приведен зашто се заканувал со пиштол

Од:

Струшката полиција поднесе кривична пријава против 45-годишниот Б.С. од Струга осомничен дека го извршил кривичното дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

На 9-ти овој месец, информира денеска портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, пријавениот, на жител на селото Мислешево му вперил пиштол во вратот и стомакот и му упатил сериозни закани дека ќе го убие него, а потоа и неговиот син.

– Настанот се случил во 17 часот и 20 минути во дворот на оштетениот жител на струшкото село Мислешево каде пристигнал пријавениот. Тој започнал вербална расправија по што од појасот го извадил пиштолот што нелегално го поседувал и му го вперил најнапред во вратот а потоа и во стомакот. Притоа тој се заканал дека ќе го убие оштетениот и неговиот син кој претходно во расправија го удрил синот на пријавениот, изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Како што додаде Димоски, откако оштетениот му кажал на пријавениот дека неговиот син бил на работа, пријавениот си заминал. Тој, со цел да ја расчисти ситуацијата околу 20 часот и 30 минути повторно пристигнал во домот на оштетениот од каде бил приведен.

– Притоа Б.С. го фрлил пиштолот што било забележано од полициските службеници. Оружјето е одземено и констатирано е дека се работи за пиштол марка „Перто Берета“ калибар 7,65 милиметри со една рамка, во репетирана состојба и со метак во цевка, појасни Димоски.

При извршен претрес, во домот на притворениот Б.С. била пронајдена една малокалибарска пушка калибар 22 милиметри со оптички нишан која тој нелегално ја поседувал.Пиштолот и малокалибарската пушка се одземени и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.

Основниот суд Струга на Б.С. му одреди мерка притвор во траење до 30 дена.

Би можело да ве интересира

Во тетовско Џепчиште уапсен 15 годишник за закани со убиства и поставување бомби

Полицијата интервенираше: Пет лица се поврзани со случаи на семејно насилство

Горан Наумовски

МВР: За две недели поднесенa e 21 кривична пријава за семејно насилство

Горан Наумовски

Тошковски: Во два дена четворица изведовме пред правдата за насилство врз жени, ги охрабрувам жртвите да пријавуваат

Предраг Петровиќ

Лишени од слобода 15 возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол

„Безбеден град“ детектира 4.910 прекршоци за седум дена