Стручна расправа за предложените измени на Законот за рестриктивни мерки во контекст на казненото законодавство

Од:

Во Скопје се одржа расправа во однос на Предлогот за измена и дополнување на Законот за рестриктивните мерки на кој учествуваа еминентни професори, а излагања имаа академик Владо Камбовски и проф. д-р Гордан Калајџиев.

Активно учество на расправата земаа претставниците од ЗКПКМ, МВР, Управата за финансиско разузнавање, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и судии и адвокати. На расправата иако поканети, не присуствуваа претставници од Министерството за надворешни работи, како предлагач на измените, ниту од Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата на РСМ задолжен за политики на добро управувањe, како иницијатор на измените, ниту претставници од Министерството за правда, чијшто став остана неразјаснет со оглед на даденото негативно мислење во однос на измените и ставот на министерот со кој го поздрави повлекувањето на измените на Законот за рестриктивните мерки.

Се разви исклучително конструктивна и плодна дискусија во однос на многу аспекти поврзани со концептуалниот пристап содржан во предложените измени, импликации врз Уставот на РСМ и законите од кривичната материја, но и импликациите во однос на етаблираната јудикатура на Европскиот суд за човековите права.

Како резултат на дискусијата беа формулирани заклучоци во коишто се сублимираа изнесените ставови, мислења и предлози:

Предложените измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки содржат погрешен концептуален пристап. Имено, мерките како резултат на правни акти на меѓународните организации директно се применуваат, се однесуваат на тероризам и пролиферација и со оглед на тоа што државата се обврзала при членството во организациите, неспорна е надлежноста на Владата да донесува соодветни одлуки за постапување по таквите меѓународни правни акти. Правните акти донесени од страна на странски држави не може директно да се применуваат, Владата нема надлежност да постапува, Владата не е надлежна да донесува мерки на забрана, финансиски мерки против домашни физички и правни лица. Ова е надлежности на судот и предложените измени и дополнуваат се генератор за активирање на уставните механизами за заштита. Едновремено се појавуваат многу дилеми во однос на механизамите за ефикасна имплементација на правните акти на странската држава, бидејќи доаѓа до допир на јурисдикции на различни држави.

Уставот ги гарантира слободите и правата на граѓаните, пропишува во кои случаи само со судска одлука определени права и слободи може да бидат ограничени, а поделбата на власта ја вбројува во рамките на темелните вредности на кои почива уставниот поредок.

Предложените измени излегуваат и надвор од рамките на правните акти на странските држави, каде што покрај тероризмот, повредата на човековите права и значителната корупција, опфатени се и кривични дела против службената положба, но и т.н. хибридни активности против државата. Се оценува дека е прешироко да бидат опфатени сите кривични дела против службената должност, а од друга страна сосема е нејасен и недефиниран поимот „хибридни активности против државата“ , којшто ниту е познат во домашното казнено законодавство, ниту постои како modus operandi на некои инкриминирано кривично дело, ниту е објаснет и дефиниран во предложените измени.

Мерките што имаат карактер на санкции, согласно толкувањето на Европскиот суд за човековите права, мора да се изрекуваат согласно домашното законодавство и да се обезбеди соодветна судска заштита.

Анализата на фактот што слични закони како The Global Magnitsky Act се донесени не само во САД, Обединетото Кралство и Северна Ирска, туку и во Канада, Австралија (каде што има голем број наши граѓани), но и во некои европски држави (како на пример, Чешка, Естонија, Литванија, Латвија и др.), останува отворено прашањето како ќе се адресираат правните акти што во овие држави би се однесувале на наши државјани.

Расправата доведе до заклучок дека станува збор за три аспекти што треба да се имаат предвид и коишто не може да се комбинираат туку треба да имаат автономно законско уредување:

– Правни акти на меѓународни организации за коишто Владата донесува одлука
– Донесување домашен т.н. Магнитски закон според кој домашните власти би донесувале правни акти за странски државјани
– Имплементирање на правните акти на странска држава во однос на домашни државјани.

Поради неприфатливиот концептуален пристап, не навлегувајќи во коментирање на конкретни одредби, беше укажано дека во предложените измени се забележуваат термини коишто стручно и терминолошки се несоодветни и не се користат во нашето законодавство, што може само дополнително да го отежни нивното правилно толкување и имплементирање.

Се нагласи недоволната издиференцираност помеѓу мерки и иницијативи, дали иницијативите се посебни мерки или се во рамките на финансиските мерки и дали за нововнесените правни акти може да се определат сите наведени рестриктивни мерки или само иницијативите.
Системот на реакција врз основа на донесените правни акти може да биде ефективен и според постојното законодавство. Во оваа смисла потребно е зајакнување на активностите на Координативното тело, потребно е претставникот од ЈОРСМ да го води Координативното тело и на тој начин да се обезбеди соодветна активност на јавното обвинителство во рамките на неговите пропишани надлежности. Ако отсуството на реакција се должи на недоволна координација, овој аспект треба да се зајакне и ефектите од правните акти да се инкорпорираат во домашната казнено правна рамка.

Би можело да ве интересира

Ковачевски: Владата подготви закон за рестриктивни мерки, Милошоски да го стави на комисија

Џафери: Закажани се избори, не може да се потпишат колективни договори, протестите на универзитетите се за дневни политики

Шаќири наредил да се примат и најслабите ученици во велешката гимназија: “Им се извинуваме на децата со одличен успех кои ги одбивме“

Орце Костов

Спојувањето предмети е како хирурзите да гаснат пожар, а пожaрникарите да работат во конфекција – протест на наставниците

Само 11 матуранти, а 22 професори во гимназија во Македонски Брод – Во еден клас ќе матурираат тројца

Орце Костов

„Ти си следна“, 16-годишник од Скопје доби кривична – се заканувал по живот на класната