По рундата разговори меѓу Македонија и Грција во Њујорк, американскиот Стејт департмент излезе со куса реакција.
– Соединетите Американски Држави ги поддржуваат напорите на посредникот на Обединетите нации Метју Нимиц. Се надеваме дека Македонија и Грција ќе ги искористат добрите услуги на амбасадорот Нимиц и ќе изнајдат решение на ова долготрајно прашање, изјави за МИА функционер во Стејт департментот на САД.
Во меѓувреме, Атланскиот совет на САД, влијателна организација за промовирање на транс-атланското партнерство чиј доскорешен претседател Чак Хејгл е новиот секретар за одбрана на САД, се приклучи на повиците за прием на Македонија во НАТО. Атланскиот совет, на својата интернет страница, го објави неодамнешниот коментар на Сели Пејнтер, поранешен висок советник во администрацијата на претседателот Бил Клинтон која работела на организирање на низа самити на НАТО.
– Македонија направи драматичен напредок во своите напори да се приклучи на НАТО и на Европската Унија. Покрај нејзините економски и политички реформи, Македонија активно придонесува кон мировните операции на НАТО. Поради оваа реалност, одлуката на НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година, кога македонската номинација беше блокирана од една единствена членка – Грција – е особено вознемирувачка. Несреќниот факт што Македонија беше блокирана од само единствена членка дава повод да го преиспитаме системот кој дозволува една Влада да има апсолутно право на вето над цела Алијанса. Дали ова навистина е Алијанса на заеднички вредности, пишува Пејнтер.
Според Пејнтер, актуелниот систем на вето во НАТО е „рецепт за опасни блокади” и место него, одлуките треба да се носат со мнозинство, а не со едногласност на членките.
– Убавината на НАТО е што држави кои до пред само неколку децении биле непријатели, сега можат заедно да седнат на иста маса и да ја делат посветеноста на заедничката визија и вредности. Фиксирањето со регионалните ривалитети го поткопува единството, пишува Пејнтер.