Стејт департмент: Вкупно 127 македонски граѓани стапиле во терористички групи во ИД, 38 биле убиени, 69 се вратиле, 19 останале

Од:

Северна Македонија во 2020 година беше дел од Глобалната коалиција за пораз на ИД (Исламска држава). На нејзина територија немаше терористички напади и не е забалежано заминување на поединци за стапување во ИД, но главниот проблем во борбата со тероризмот во земјата е враќањето на терористичките борци дома.

Ова е нотирано во годинашниот Извештај за тероризмот во светот на американскиот Стејт департмент, поврзано со Северна Македонија. Документот е подготвен од Бирото за борба со тероризмот на надворешополитичкиот орган на САД.

Во него се вели дека националниот Комитет за борба со насилен екстремизам и тероризам забележал 143 граѓани на Северна Македонија кои претходно патувале или се обиделе да патуваат за Сирија и Ирак со цел стапување во терористички ќелии.

-Од 127 возрасни лица кои престојувале во Сирија и/или Ирак, 38 биле убиени, 69 се вратиле во Северна Македонија, а 19 останале, се наведува во Извештајот.

Се додава дека македонските власти опасноста од терористички закани ја оцениле како „просечна“ или средна, во време кога членови и симпатизери на ИД се присутни во земјата. Во јуни, годинава, македонската Влада усвоила Национален план за реинтеграција на странските терористички борци и нивните семејства.

Се укажува дека легислативата на Северна Македонија е адекватна за кривичен прогон на лица осомничени за извршување или помагање на терористички активности или за учество во странски конфликти. Предизвик, сепак, се ниските казни за дела поврзани со тероризам, велат од американскиот Стејт департмент.

Се наведува случајот со задржувањето на три лица во Куманово во август 2020 година од страна на припадници на Секторот за насилен екстремизам на МВР и на уште осум други лива во декември лани, под сомнение за тероризам и поврзано со аспењата во август.

-Секторот за тероризам и насилен екстремизам на Министерството за внатрешни работи ги предводеше напорите за борба против тероризам поврзани со спроведувањето на законот. Во август единицата уапси три лица во Куманово во заедничка операција со Агенцијата за национална безбедност. Тие се уште не се обвинети за тероризам. МВР соопшти дека тројцата отслужиле затворска казна по нивната екстрадиција од Турција во 2016 година за обид да се приклучат на ИД, и, по нивното ослободување од затвор во 2019 година, подготвувале терористички напади во земјата и поседувале оружје и експлозиви. Единицата, заедно со АНБ, потоа уапси осум лица, три во Скопје и пет во Куманово, во декември, под сомнение за тероризам и во врска со апсењата во август, стои во Извештајот.

Се наведува дека легислативата на земјава против перење пари и борба со финансирање на тероризмот ги следи меѓународните стандарди и дека нејзината Управа за финансиско разузнавање (УФР), е членка на групата Егмонт. Владата, се наведува, во септември ги усвои измените на Законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам за транспонирање на одредбите од Директивата V (2018/843) и усогласување на законот со правото на ЕУ и дека преостанува Парламентот да ги усвои амандманите.

Управата за финансиско разузнавање во 2020 година добила два извештаи за сомнителни трансакции за финансирање тероризам и осум неформални извештаи; поднесе девет извештаи до надлежните институции за понатамошна истрага.

Во Извештајот на Стејт департментот се наведува и дека официјално Скопје има тесна соработка со останатите балкански земји во областа на борбата против тероризмот и насилниот екстремизам.

Би можело да ве интересира

По масакрот во Москва, Исламската држава се врти кон Европа и Америка

Во Франција засилени безбедносни сили пред сите католички и протестантски цркви за време на Велигден

ИСИС-К планира уште еден терористички напад во следните шест месеци

Двајца Таџикистанци чии имиња се појавија во списокот со терористи, не се вмешани во настанот

А1он

ФСБ: Четворица терористи уапсени во близина на границата со Украина

А1он

Уапсени неколку од терористите кои го извршија нападот во Москва

А1он