Обвинителката Лиле Стефанова најави голем број сведоци и докази за случајот „Плацови на Водно“, односно начинот на кој експремиерот Никола Груевски ги трошел парите наменети за партијата.
На обвинителна клупа денеска седнаа бизнисмените Јордан Камчев и Ненад Јосифовиќ, мајката на Камчев, Ратка Камчева, кумот од првиот брак на Груевски, Ристо Новачевски и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков. Првообвинет во случајот е Груевски, азилант во Будимпешта.
Камчев и Мијалков беа спроведени од истражниот затвор во Шутка, а во судницата Јордан Камчев седна до неговата мајка.
Единствено Груевски не е присутен на судењето.
Судијата Илија Трпков, на барање на обвинителството, одлучи нему да му се суди во отсуство.
„Груевски беше премиер повеќе од 10 години. Во целиот овој период тој негуваше статус на лице кое е безимотно, нема возило, има заштеда од плата и живее во станот на мајка си. Сепак, содржината на снимените разговори упатува на сосема друга слика, дека Груевски поседува имот кој го запишувал и пријавувал на туѓи имиња, а вклучени биле и фирми регистрирани за таа намена”, рече обвинителката Стефанова.
Таа пред судот изјави дека во текот на процесот лице ќе сведочи како во 2008 година експремиерот купил стан на негово име, а истото го сторил и во 2009 година.
„Ќе ги изведам сите материјални докази со кои судот ќе се убеди дека Груевски купил плац од 2.700 м2, веднаш до резиденцијата на Вилма Трајковска. Таму требало да никне барокна куќа. Плацот бил купен со пари – подарок од сведок на јавното наддавање во Министерството за транспорт за 100.000 евра. Груевски обезбедил и два плаца во Крушево, имот кој бил негов, но не го пријавил во анкетниот лист”, рече Стефанова во воведниот говор.
Таа додаде дека бара целиот имот од обвинителниот акт да биде конфискуван.
Додека Стефанова го даваше воведниот збор, Камчев постојано се смееше, по што беше опоменат од судијата, дека станува збор за сериозна работа.
Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање имот“. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска-Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
Според обвинението, Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата не ги прикажал како примени донации, туку ги присвоил за себе. Станува збор за 1,3 милиони евра.
Во средината на 2012, според обвинението, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите. Мијалков стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе, и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.
Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра.
Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје- овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела.
Освен ова, Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево.
Бизнисменот Орце Камчев е во притвор во истражниот затвор во Шутка од 14 март годинава, откако месецов му беше продолжен за нови 30 дена за предметот „Плацови на Водно”. Притвор беше определен и за поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство од земјава и е азилант во Будимпшета. Мерки на претпазливост им беа определени и на обвинетите Ненад Јосифовиќ и Ратка Камчева.