Кабинетот на претседателот Пендаровски нема нарачано, платено, ниту спроведено анкета за истражување на јавно мислење. Носител на анкетата за јавно мислење е „Институтот за демократија – Социетас Цивилис“, информира Кабинетот на Пендаровски по повод наводите и прашањата за анализата на јавното мислење презентирана од страна на Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО) и „Институтот за демократија Социетас-Цивилис“.
„Ниту еден денар не е потрошен од буџетот на Кабинетот на претседателот Пендаровски. Финансиските средства за анкетата се обезбедени од буџетот на „Институтот за демократија – Социетас Цивилис“, се вели во соопштението од кабинетот на Претседателот.
„Настанот на кој се презентираше анализата и имаше дебата е организирана во рамки на редовните активности на Претседателскиот центар за политичко образование и во согласност со Меморандумот за соработка склучен со Институтот за демократија.
Целта на истражувањето е популизмот и авторитарните тенденции како негативен општествен и политички феномен. Изразот „Човек од народот“ не се однесува на претседателот Пендаровски, туку е анализа на ставовите на граѓаните во однос на популистичките тенденции во политиката“, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателот.