„Стариот театар“ во Скопје ќе биде отворен утре

Од:

Со изведба на фрагменти од претставата „Вечната куќа” по текст на Јордан Плевнеш, со која во септември ќе биде означен почетокот на театарската сезона, како и на повеќе други претстави на Македонскиот народен театар, утре свечено ќе биде отворена новaта зграда на објектот „Стари театар“ во Скопје.

Ќе биде промовиран и Музејот на МНТ, кој претставува прва театарска музејска збирка формирана и презентирана во Македонија.

На отворањето на новата театарска зграда ќе се обрати министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Новиот театар, кој е лоциран на левиот брег од реката Вардар, е изграден врз темелите на стариот театар кој се урна во земјотресот во 1963 година. Позициониран е на вкупна површина од 7.200 метри квадратни, а аудиториумот на објектот е поделен на голема сала со партер и две галерии со вкупно 724 седишта, како и мала сала со 213 седишта.

Сценската технологија и механика, како и целокупната сценска површина се од модуларен тип со двојно дно. Во системите на сценските технологии е вградена опрема од најпознати врвни светски производители за ваков тип опрема и објекти, која овозможува големи технички перформанси.

Покрај основната функција на објектот, театарот сам по себе претставува и музеј со оглед дека преку темите на орнаментиката која ги краси ложите во внатрешноста е претставен дел од богатото македонско културно наследство, а посетителите можат да се запознаат со историјата на театарот на овие простори. Однадвор театарот го задржува својот автентичен изглед, а има и посебно осветлување (илуминација) на партерот, како и на целиот објект со што се истакнуваат неговите визури.

Со изградбата на „Стариот театар“, Република Македонија првпат добива современ театарски простор во кој ќе се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско-уметничките дејности со високи технички перформанси, соопшти Министерството за култура.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска

Премиера на комедијата „Жени во црвено“ во Македонија