ССНМ изразува полна поддршка и солидарност со новинарот Борјан Јовановски кој беше нападнат од извршител на политиката на безумие, ментална и морална пореметеност која за жал се засилува во Македонија.
Вербалното насилство во континуитет промовирано од власта почнува да метастазира во состојба во која новинарите и медиумските работници веќе не се сигурни ниту на работното место ниту во својата приватност.
ССНМ нема веќе илузии дека институциите ќе реагираат откако и по десетици напади и закани ниту еден извршител не е повикан на одговорност, а обвиненијата за поттикнувачите од страна на обвнителството се толкуваат како „слобода на говор“. Сепак нема да пропуштиме уште еднаш да ја посочиме директната одговорност на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството кои навремено не рагираат и не ги казнуваат ниту извршителите, а уште помалку инспираторите, иако во четири дена сме сведоци на најмалку три напади на новинари, додека на социјалните мрежи се поттикнува правењето списоци за отстрел.
Она што очекуваме и во што сме сигурни е дека времето на беззумие ќе заврши и тогаш некој за ова мора и ќе одговара. Истовремено ССНМ ја уверува јавноста дека овој и слични испади на примитивизам и вулгарност од заблудени интелектуално инфериорни ликови не само што нема да ја исплашат новинарската фела, туку напротив, ќе ја направат посилна и поединствена, соопштуваат од ССНМ.