ССНМ: Ништо не можеше да ја урне мисијата на Младенов за подобра Македонија, онаква каква што ја заслужуваме

Од:

„Еден живот помалку, една смрт повеќе. И многу вистини урнати во калта на македонското секојдневие“, Синдикатот на новинари и новинарски работници се прости од новинарот и борец за слобода и вистина Никола Младенов.

Со смртта на Никола Младенов не загуби само неговото семејство и неговите пријатели. Неговото трагично заминување од овоземскиот живот е непремостлива загуба не само за македонското новинарство, туку за севкупното и онака нарушено општествено здравје. Бидејќи, Никола Младенов не беше само пионер на македонскиот плурализам, не беше само придвижувач на слободната мисла, Никола Младенов беше столб на слободата. Упорен, настојчив и длабоко убеден дека слободата на говорот е фундамент на секоја цивилизација, дека е неприкосновено и основно човеково право, Никола Младенов направи повеќе за демократизацијата на ова општество од било која политичка партија и било која власт. И уште повеќе: најчесто токму политиката, онаа дневната, прагаматичната му беше најголемиот кочничар во тежненијата да го оствари неговиот идеал.

Уште како млад новинар, кон крајот на 80-тите години од минатиот век, го разбранува македонското едноумие, како челник на „Млад Борец“, тогаш еден од ретките медиуми што отворено пишуваше за комунистичките петна и таканаречените табу теми. Со распадот на општествениот систем, се распадна и она што до тогаш се нарекуваше македонски медиумски простор. Но, затоа тука повторно беше Никола Младенов. Првин ја покрена радио-станицата „Либертас“ (едно од првите приватни радија во Македонија), а потоа и неговиот „Фокус“, неделник со најдолг стаж во македонското, по правило краткотрајно, новинарство. Кога на професијата сериозно и се закани затамнување, Младенов започна да го издава и дневниот весник „Фокус“, една од ретките светли точки во овдешниот медиумски мрак. Иако влезе во списокот на новински магнати, тој беше и секогаш остана новинар. А тоа мора да се потенцира.

Младенов, треба и тоа да се каже, имаше многу непријатели, и тоа таму каде што опортуниот човек не треба да ги има: меѓу претставниците на највисоката политика и меѓу најмоќните олигарси. Доживуваше и преживуваше секакви притисоци, од физички напади до судски процеси. Ќе остане запишан во црните анали на македонското секојдневно новинарско мачење и како новинар што ја платил највисоката казна за клевета на еден врвен политичар. И во моментот на трагичната погибија против него државните функционери водеа судски спорови.

Но, Никола Младенов не можеше да се скрши. Ни физичките напади, ни вербалните притисоци, ни судските закани. Ништо не можеше да ја урне неговата мисија за една подобра Македонија, онаква каква што ја заслужуваме.

Лесно е Никола да ти порачаме да почиваш во мир, лесно е да ти ветиме дека твоето дело ќе биде продолжено. Но, не знаеме Никола дали сме кадарни да го направиме тоа. Затоа што без тебе, колега, повеќе никогаш ништо нема да биде исто. Како што, конечно, за наша голема среќа, со твојата појава ништо во Македонија не остана исто.

Слава ти!“

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) „Нашата работа е за јавноста, не за пред колегите“: Новинарите на протест пред Граѓански суд

Орце Костов

НЕ за владини кампањи во медиумите и злоупотреба на ЕУ знамето во Собранието повикуваат новинарските здруженија

ССНМ и Томсон медија ги доделија наградите на ЕУ за истражувачко новинарство

Вработените во МИА и денеска на протест искажаа незадоволство поради непостапување по нивните барања

ССНМ и ЗНМ најостро го осудуваат попречувањето на работата на новинарската екипа на ТВ Телма

Новинарските и медиумските организации се против владини кампањи во медиумите

Катерина Ѓуровски