ССМ бара оставка од тројцата судии што ја донеле одлуката за одземање на зградата, најавуваат постапка и пред Судскиот совет

Од:

Сојузот на синдикати на Македонија бараат оставка од судиите Шпенд Деваја, Наке Георгиев, Исамедин Лимани од Врховниот суд кои ја донеле пресудата за одземање на имотот на Синдикатот.

Доколку до петок не поднесат оставки, како што најави денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, од следната недела ќе почнат постапка пред Судскиот совет за нивно разрешување.

– Овие тројца луѓе од Советот на пет судии, вклучително и Елица Крстевска и Анета Бошковска кои гласале против ваквата одлука, ја донеле пресудата со нивно слободно убедување без аргументи, со користење на закон што не е во сила, рече Трендафилов на денешната прес-конференција.

Како што образложи Трендафилов, тројцата судии во пресудата се повикуваат на законот од 1998 година кој е вон сила, затоа што во 2010 година е донесен нов закон во кој е наведено дека со стапувањето во сила на новиот закон претставува да важи законот од 1998 година.

– Многу ми е жал што овие врховни судии не знаат дека од 2010 година има нов закон за здруженија и фондации во кој во членот 2 се наведува дека одредбите од овој закон не се однесуваат на политички партии, цркви, верски заедници, религиозни групи, синдикати, комори и други видови на здружување утврдени со посебни закони, рече Трендафилов.

Како што посочи, дури и во член од законот од 1998 година е наведено дека имотот на ваквите здруженија стекнат од сопствени пари им припаѓа на тие здруженија.

– Шестар систем во судството, да ги бодат законите и да бираат кој ќе го применуваат за временски период што ним им одговара е погубно за судството и е погазување на честа на сите оние судии кои совесно си ја извршуваат работата. Токму поради ваквите судии довербата во судството е два проценти, рече Трендафилов.

Тројцата судии, посочи Трендафилов, не ја почитувале ниту одлуката на Уставниот суд од 1992 година во чие образложение е укината одлуката за определување на рокот за преземање на средствата на општествени и политички организации, а не ја почитувале ниту пресудата на Врховниот суд од 24.11.2004 година во која се одбива барањето за одземање на имотот на ССМ.

Од ССМ се сомневаат дека под политички притисок е донесена одлуката и како што велат најмалку што можат сега да сторат судиите е да донесат нова пресуда со која ќе ја поправат старата.

За случувањата информирани се европските и светските синдикати. – Целокупното светско синдикално лидерство ќе дојде во Македонија токму во изборите кога ќе им гори на политичките партии и кога тие ќе треба да покренат одговорност за овие судии, рече Трендафилов.

Најавуваат постапка и пред Меѓународниот суд на правдата.

– Ние нема да ја предадеме зградата на тацна. Нема ни да влезат во зградата. Но, обезглавувањето на претставникот на работниците, односно на ССМ е нешто што нема да го дозволиме, а нема да го дозволат ниту Европската конфедерација на синдикати, ниту Светската конфедерација на синдикати. Тие тоа што ќе го направат во процесот на претпристани преговори за Република Македонија во Брисел е нешто што треба да се замислат политичарите, рече Трендафилов, прашувајќи кој ќе биде оној во Владата што ќе гласа за одлуката да се одземе имотот на ССМ бидејќи овој објект мора да биде впишан на име на државата.

Би можело да ве интересира

ССМ и КСОМ заедно на протест на 1 Мај под мотото „Ние работниците“

ССМ ќе бара враќање на трошоците за храна и превоз и зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра

Трендафилов: Постапката за Работничкиот дом ќе се повтори

ССМ: Срамно е во 21. век да се молиме за плата за месеци кои луѓето ги изработиле

Горан Наумовски

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

ССМ на протест пред Врховен суд поради одлуката со која се одзема Работничкиот дом