Министерската за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска се сретна со Реџепали Чупи, директор на Ромскиот едукативен фонд со седиште во Белград, со кој разговараа за досегашните и тековни проекти на кои работи Фондот, со цел поголема инклузија на Ромите во општествениот живот преку помош и поддршка во образовниот и предучилишниот процес.
Притоа, ккао што соопшти МТСП, Чупи посочил дека Ромскиот едукативен фонд има претставништа во 16 држави од Југоисточна Европа, а во нашата држава работи на два главни и многу значајни проекти – стипендирање на деца средношколци Роми и проектот за бесплатно вклучување на деца Роми во предучилишно образование, проект реализиран од страна на МТСП во соработка со 18 единици на локална самоуправа.
-Овие проекти се имплементираат од 2006 година и секоја година се вклучуваат 350-400 деца роми на возраст од 3-6 години, во предучилишно образование, каде се вработени и 19 негователки ромки како дел од проектот. Со цел поголема инклузија на децата роми во предучилишно образование од јануари 2019 година, МТСП вклучувањето на децата Роми во детските градинки по насока на Владата на РСМ, го реши на системски начин со предлог до советите на општините да ги ослободат од партиципација родителите на овие деца, се вели во соопштението.
Во текот на средбата се дискутирало и за можноста на вклучување на децата Роми во онлајн следење на наставна програма за предучилишно образование во време на КОВИД-19. За овозможување на таа цел РЕФ нуди поддршка со обезбедување на таблети на оние деца Роми кои нема да престојуваат физички во градинките.
Двете страни се согласиле дека соработката помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Ромскиот едукативен фонд продолжува и понатаму, со цел поголема вклученост на Ромите во сите сегменти на општественото живеење, со посебен акцент на предучилишниот образовен процес.