На 67. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк денеска се одржа средба на македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски со неговиот грчки колега Димитрис Аврамопулос. Двајцата министри се согласиле дека повеќе од 20 години од почнувањето на спорот, односите се значително сменети.
Од македонската делегација средбата, која е прва меѓу двајцата министри, ја опишуваат како можност за нивно запознавање. Македонската страна настапила со барање за почитување на времената спогодба и на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој пресуди дека Грција не смее да ги блокира македонските интеграции.
Грчкиот министер не дал обврски по ова прашање, наместо тоа од Македонија барал почитување на грчките чувства поврзани со нивната историја.
Аврамопулос воедно сакал да ја претстави Грција како конструктивна страна, која е подготвена да се надмине спорот, и која веќе направила отстапки во однос на употребата на името Македонија. На ова, министерот Попоски одговорил дека мора да се почитуваат и основните човекови права на Македонците, кои имаат право на слободно определување.
Двајцата министри во разговорот се согласиле дека повеќе од 20 години од почнувањето на спорот, односите се значително сменети. Аврамопулос се согласил дека веќе не е валиден првичниот грчки став, дека Република Македонија претставува закана за стабилноста на Балканот и дека има територијални претензии кон Грција.