Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими учениците коишто освоија пет медали на меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки којашто од 3 до 12 декември минатата година, се одржа во Доха, Катар.
Во конкуренција на 409 ученици од 70 држави, на олимпијадата по природни науки македонскиот тим се закити со два сребрени и три бронзени медали, што претставува најголем успех на ваков вид на натпревари. Мајкл Георгиевски од гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци и Никола Спировски, ученик во деветто одделение во скопското основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, освоија сребрен медал. Бронзен медал, пак, освоија Емилија Николовска, ученичка во деветто одделение во ОУ „Григор Прличев“ во Охрид, Матеј Гелев, ученик во деветто одделение во велешкото основно училиште „Блаже Конески“, како и Стефан Дрмач, ученик во прва година во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје. На олимпијадата учествуваше и Теона Кировска, ученичка во прва година во средното училиште „Кочо Рацин“, во Свети Николе.
„Секој позитивен пример мора да се истакне и државата мора да ги препознава и целосно да ги поддржува талентираните ученици и млади луѓе. Навистина е импресивно да се освојат пет медали на меѓународно, високо ниво. Посебно ме радува овој успех бидејќи досега многу ретко момчиња и девојки од нашата земја, учествувале на меѓународни натпревари“, истакна претседателот Пендаровски на средбата.
Во оваа насока, претседателот Пендаровски посочи дека во рамки на своите надлежности во континуитет ќе дава поддршка за развој на потенцијалот и талентот на сите поединци во земјата.
На средбата, учениците го објаснија процесот на селекција на учениците коишто имаат право да учествуваат на овој натпревар. Односно, како што рекоа тие, поминале низ неколку подготвителни тренинзи со ментори, професори од Природно математичкиот факултет, во Скопје.
Следен предизвик, како што посочија учениците, е олимпијадата во Франкфурт, Сојузна Република Германија.