Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ја прими амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда и го прими амбасадорот на Кралството Холандија, Вилем Вaутер Пломп.
Двајцата амбасадори на претседателот Пендаровски му упатија честитки за стапувањето на функцијата, му посакаа успешна работа и изразија уверување за унапредување на односите на Република Северна Македонија со нивните држави во периодот што претстои.
На средбата со амбасадорката Кеико Ханеда, претседателот Пендаровски го истакна значењето на Јапонија за стабилноста, просперитетот и развојот на Република Северна Македонија и на поширокиот регион. Како земја која е докажан пријател на Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски изрази очекување за натамошно продлабочување на односите меѓу двете земји во сите сфери од заеднички интерес, особено на економски план.
На средбата со холандскиот амбасадор Пломп, претседателот Пендаровски ја истакна значајната улога што Кралството Холандија ја има преку директно помагање на процесите на европска трансформација на Република Северна Македонија.
Двајцата соговорници оценија дека меѓу двете земји постои континуирана и тесна соработка во повеќе области од заемен интерес, што е во полза на граѓаните на двете држави. Претседателот Пендаровски изрази очекување за валоризација на постигнувањата на Република Северна Македонија преку одредување на датум за почеток на преговори со Европската унија во јуни, истакнувајќи дека поддршката на Кралството Холандија е клучна, како земја основач на Европската унија.